Александар Петровиќ нов тренер на КК Куманово

Александар Петровиќ од денеска е новиот тренер на Кошаркарскиот клуб Куманово кој доаѓа на местото на кумановецот Игор Михајловски кој од задравствени причини викендов си поднесе оставка.

Петровиќ е од Скопје, две сезони го предводеше составот на МЗТ Скопје Аеродром, а во својата кариера како тренер беше и во составот на Карпош Соколи и Пелистер.

Информацијата ја потврдија и од Управата на клубот, кој одлуката ја донел рано утринава.

Пред новиот тренер е голем предизвик, како „сино-белите“ да дојдат до нови победи во домашниот шампионат, но и на балканска сцена. Од досега одиграните натпрвари, две победи и два порази кумановци бележат во Првата македонска лига, додека пак во Балканската лига од одиграните натпревари досега бележат само една победа.

Михајловски минатата сезона го предводеше Кожув, а во Куманово пристигна на почетокот на сезонава. Оставка си поднел поради наводни здравствени причини и препорака од лекарите да не биде изложен на неворзни и стресни ситуации, каква што му е професијата. Меѓутоа, во последно време беа гласни барањата и негодувањата на публиката кога е во прашање неговата тренерска позиција.

Барања за оставка навивачката група Кумани упати до актуелниот претседател Виктор Божиновски, наводно обвинувајќи го за сите порази кои КК Куманово досега ги има претрпено во последните минути или секунди од натпреварот и покрај одличното водство во првиот дел од средбите. Божиновски им ги укина гратис билетите, по што тие донесоа одлука да не доаѓаат на натпреварите, но и оние кои ќе дојдат бараат негова смена.

Одговор на нивните барања имаше и Божиновски кој порача дека за неговото шестгоидшно раководење со клубот забележани се четири учества во финале како од домашни, така од меѓународни лиги. Воедно ги обвини и дека билетите кои ги добиваат како гратиси, ги препродаваат, наместо да доаѓаат и да навиваат.

Препукувањата на релација Кумани – Божиновски, проблеми со тимскиот дух кај играчите, а сега и смената на тренерската функција влијаат на резултатот, но и на популарноста која клубот од натпревар во натпревар се повеќе ја губи.

Како ќе се одвива ситуацијата останува да видиме во следните натпревари со оглед дека веќе во сабота го пречекуваат составот на МЗТ Скопје Аеродром, а следната недела во рамките на БИБЛ лигата гостуваат во Тирана.

Коментари

коментар(и)