Александра Пешевска – лауреат на фестивалот „Ристо Шишков“

Александра Пешевска, актерка од Театар Куманово ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 28-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

Пешевска наградата ја доби за улогата на Џин во претставата „Телефонот на мртовецот“ од Сара Рул, во продукција на кумановскиот театар, а во режија на Александар Ивановски.

– Се враќаме со одлични впечатоци од „Ристо Шишков“. Отидовме пред два дена да играме на тој фестивал, ја одигравме претставата „Телефонот на мртовецот“, во режија на Александар Ивановски. Едноставно, актерите дадоа се од себе, исто така и Александра која ја доби наградата и вчера ни јавија дека Александра е добитник на наградата и навистина бевме позитивно изненадени таква голема награда, значајна, важна награда „Ристо Шишков“ да дојде во Театар Куманово. Навистина сме горди што Александра Пешевска ја доби таа награда, навистина таа комплетно се даде на претставата и навистина сме среќни и горди и сигурен сум дека и таа е преполна со емоции во врска со овој фестивал и овој настан, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот и парична награда во износ од 1.500 евра, а и ја врачи директорот на Фестивалот  „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков.

Во образложението за наградата жири -комисијата во состав од Драшко Зидар, актер од Хрватска и лански лауреат, Тодор Кузманов и Гоце Ристовски напишаа:

„Александра Пешевска во оваа ролја манифестира супериорно актерско мајсторство со изразени психолошки валери, уверливо досегнувајќи ја зоната на внатрешна чувствителност, креирајќи сложен, но стамен лик, распнат низ бурните времиња на човековото опстојување, лик што кореспондира со филозофијата на Исус, а кој живее овде до нас, со нас и во нас“, стои во образложението на жири комисијата.

Фестивалот се одржа на отворена сцена во Градскиот парк во Струмица со почитување на заштитните мерки од пандемијата.

Инаку, по неколкугодишна пауза, Театар Куманово минатата година настапи на овој фестивал со претставата „Недоразбирање“ кога наградата за најмлад актер ја доби кумановската актерка Александра Михајловска.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)