Амбасадорката Дивјак Томиќ во посета на Куманово

Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ денеска оствари протоколарна посета на Општина Куманово каде имаше средба со градоначалникот Максим Димитриевски.

На средбата било разговарано за повеќе прашања кои ја засегаат српската етничка заедница во Куманово, но и за останатите заедници. Воедно била отворена и тема за можна соработка на културен и економски план.

– Што се однесува до инфраструктурните проекти разговаравме за сите наши планови каде што Општина Куманово има намера во следниот период да реализира поголем број инфраструктурни проекти на територија на нашата општина, каде што првенствено или претежн живеат граѓани од српската етничка заедница, како што е селото Тромеѓа, а исто така не ги изоставивме и селата Речица, Умин Дол, Ново Село, Љубодраг и останатите делови на градот, рече Димитриевски.

На средбата според градоначалникот Димитриевски се разговарало и за можноста факултативно да биде изучуван српскиот јазик во кумановските основни и средни училишта, а проектот да се спроведе во соработка на локалната самоуправа и српската амбасада во Република Македонија

– Поразговаравме и за заеднички напори од страна на општината поткрепени со логистика од амбасадата за реализација на можна настава за факултативно или изборно изучување на српскиот јазик во одредени основни и средни училишта на територијата на нашата општина, а секако ќе мора да се усогласи законодавството и одредени акти, меѓутоа општината е секогаш за една ваква соработка, бидејќи сметам дека односите помеѓу српската имакедонската заедница се традиционално добри и тие треба да се продлабочуваат без разлика на официјалните ставовите на политиката, првенствено ваквите односи се добри поради традиционално добрите и братски односи на самите народи кои што со векови живеат на овој простор, изјави Димитриевски.

Амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ посочи дека е задоволство што односите со Општина Куманово и Република Србија се пријателски и дека има значителен број заеднички интереси.

– Навистина наидов на целосно разбирање од страна на градоначалникот, Амбасадата на Република Србија е спремна и отворена да помогне колку може и колку е во нејзиниот мандат. Особено ме радува она што го нагласи градоначалникот во врска со вниманието кое се посветува на припадниците на српскиот народ и како голема задача за амбасадата мислам дека е прашање на српскиот јазик, односно зачувување на српскиот јазик во Република Македонија, што е и најчуствително за самите припадници на српскиот народ да го зачуваат и тоа е главен приоритет за зачувување на српскиот идентитет на овие простори, изјави амбасадорката Дивјак Томиќ.

Општина Куманово ќе биде и апликант за домаќин на заедничката владина седница на Република Србија и Република Македонија кој следната година ќе се одржи во нашата земја, а кон крајот на март истата треба да се одржи во Ниш.

Коментари

коментар(и)