„Ангел Шајче“ доби интернационално признание на Еко- градинка

Детската градинка Ангел Шајче третпат заслужено доби интернационално признание на Еко градинка со статусот „Зелено знаме“. Сертификатот официјално на установата и беше доделен на традиционалниот „Еко самит 2018“  во организација на Министерството за образование и наука преку Канцеларија на програмата насловена „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. Програмата се спроведува во соработка со Швајцарската агенција за развој врз основа на претходно потпишан Меморандум за соработка, а во нашата држава програмата ја реализира  здружението на граѓани ОХО, кое што има повеќегодишно искуство во организација на активности за заштита на животната средина и во поглед на еколошката едукација.

Наградата како што посочува директорката на градинката, Марина Алексовска произлегува од успешната реализација на содржините од програмата  имплементирани во редовната воспитно – образовна работа на установата, за учебната 2017-2018-та  година. Алексовска потенцира дека контиунирано со сите деца работат на подигање на еко-свеста во поглед на заштита на животната средина.

– Би сакала да кажам дека за првпат со ваков стаус со еко знаме се стекнавме во 2011-та година, каде што бевме единствена градинка во Македонија која што се закити со такво признание. Многу е тешко да се добие интернационално признание меѓутоа уште потешко е да се одржи, да се потврди затоа што со ова интернационално признание , не само што се доделува туку има и можност доколку не ги продолжиме тие стандарди и критериуми кои што треба да ги исполнуваме може да ни биде одземено зеленото знаме. Во 2014-та го потврдивме и еве годинава по третпат го потврдуваме, изјави Марина Алексовска, директор на ЈОУД „ Ангел Шајче “ Куманово

Дека детската градинка под раководство на директорката Алексовска континуирано успешно работи сведочи и фактот што веб страната на установата е номинирана за Најдобар сајт за 2018 –та во категоријата на Најдобар сајт на владини/државни институции. Гласањето трае до 13- ти декември . Сите кои што сакаат да ја поддржат детската градинка можат да гласаат на линкот www.sajtna godinata.mk, каде што ќе го побараат сајтот на www.angelsajce.mk и ќе го дадат својот глас.

– Направена е професионално и на самата веб страна за која можам народски да кажам дека е жива веб страна која што постојано се ажурира, се полни со настани и активности кои што секојдневно се планираат и реализираат со децата, а воедно и со родителите. Последни се семејните креативни работилници со родителите по повод испраќање на есента во сите објекти, потоа хуманитарните активности кои што ги реализираме со родителите, правиме театар со самите родители каде што самите измислуваат сценарио, прават кукли, некои од нив се актери, други подготвуваат коктел и слично. Од причина што многу е посетена номинирани сме и за Веб страна на годината за 2018, така што сите кои што се заинтересирани можат да ја погледнат и доколку им се допадне можат да ни дадат поддршка да гласаат за нашата веб страна која е во категоријата на Најдобар сајт на владини/државни институции,  изјави Алексовска.

Инаку, денеска во просториите на објектот Развигорче актерите Сашо Ристовски, Мими Ристов и Роберт Ристов од скопскиот театар Крик пред децата ја одиграа претставата Неверојатна приказна. Главните јунаци во претставата низ многу комични елементи им покажаа на децата што е добро, а што не, кој колку и какво право има во својот свет и живот и какви обврски носи секој кон себеси и секако кон другиот. Оваа претстава изобилуваше со мошне квалитетна специфична сценографија и костимографија , како и со музички и интерактивни сегменти кои се од особен интерес за сконцентрирано следење на претставата од страна на децата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)