(ВИДЕО) Аткинс: Фронт е решение, не за подземни води, адреналински чуда

„Нема да дозволиме да ви ветуваат смарт услуги, без да ви дадат смарт плати. Во Советот ќе дадеме поддршка на предлози од корист на граѓаните. Ние ќе бидеме решение, не за подземни води, облакодерни визии и адреналински чуда“, истакнаа на прес конференцијата од граѓанската иницијатива Фронт.

-Препознатливиот наратив на Фронт нема да се промени и по освојувањето на советнички места. Тоа е единственото што го ветуваме. Паушалите ќе ги донираме на сиромашните. Со Фронт во градскиот Совет ќе се стави крај на бескорисните лајкови кон царевата ќерка и нема да пропуштиме ниту една прилика да покажеме со прст накај царот, ако е гол. Оти, според Фронт, Советот треба да биде неавтоматизирано тело што градоначалникот само треба добро да го носи на својот рбет. Пред сите нас се протега иднината на, се плашиме, потценетиот граѓански слој на Куманово. Не’ деградираа, не дехуманизираа, не’ обезличија. Што би кажале ви неопределени, такат ни га земасва. Какви програме, какви бакрачи. Фронт во Советот ќе поддржува предлози што се исклучиво од корист на неговите жители и смело ќе застане на патот на непродуктивните дискусии од кои единствениот бенефит досега беше која улица да биде едносмерна. Допуштивме партиите да не’ држат како заложници во акционен филм од Б продукција. Градоначалникот и полицискиот началник е пожелно да пијат кафе често. Фронт нема да поднесува подлизурковци кои претендираат да се закачат на државната дојка , што освен што е без млеко, исто така е и канцерогена. А, кој па и да понуди лек? Некој вработен од зелените во градската болница кој не знае ни инфузија да вклучи? Некој административец после 13 часот во петок? Некој советник кој крева два прста бидејќи така му е наложено? Или некој наставник кој ги штити правата на децата и се бори да дишат без маски додека неговите сопартијци си дишат во врат по митинзи? Фронт нека биде решение, не за подземни води, облакодерни визии и адреналински чуда, туку за малку труд и многу љубов, Куманово да се врати картографски онаму кај што припаѓа. Фронт, број 42-посочи Ивана Аткинс, кандидатка за советничка од Фронт.

 

 

Коментари

коментар(и)