Атлетичарите побогати за 20 медали

Атлетскиот клуб Куманово продолжува да реди успеси на државно ниво. Младите атлетичари освоија бројни медали на првенствата во скок, штафети, атлетски митинг, како и на државното пионерско првенство, кое што се одржа минатата недела.  Според статистиките тие освоиле најголем број на медали во историјата на ова натпреварување.

-Имајќи во оглед дека ова ни е најсилна генерација на млади атлетичари беше едноставно безмилосна во поглед на собирање на првите места. Тие освоија 12 златни индивидуални медали покрај тоа триумфираа во штафетите и вкупно 20 медали за време на еден натпревар-изјави Филип Колески, тренер во Атлетски клуб Куманово.

Тренерот Колески раскажа дека Кумановци се заинтересирани за атлетика, но според него недостига желба за напредок во овој спорт. Тој вели дека младите не се амбициозни за успех, туку сакаат полежерен начин на живот.

-Не може со две години тренинг или со неколку месеци пауза секоја година да се постигнуваат врвни спортски резултати. И бидејќи нема голем број на такви деца што се сериозни не може да се направи добра селекција, и голем број на алтетичари. Така што и клубот го насочуваме кон одреден број на атлетичари кои што се и столб на репрезентацијата на Македонија и кои се надеваме ќе носат поголем меѓународен успех во иднина-додаде тој.

Инаку Атлетскиот клуб Куманово утре и задутре ќе учествува на финалниот сениорски куп, кој ќе се одржи во Скопје.

-Се собираат поени во сите дисциплини и тука ни фали масовноста во сите дисциплини. Оние клубови како Работнички, Охрид или Тетово што работат десетици години наназад, имаат многу повеќе атлетичари, ние во однос на нив се носиме со квалитетен број на малку атлетичари единствено на тој начин со победи успеваме да водиме тешка битка за клубски пласман, а индивидуално нашите атлетичари сите се прваци. Но едноставно другите клубови на масовност успеваат да ни создадат потешкотии во борбите за клупските пласмани-нагласи тој.

Тренерот се надева дека младата екипа ќе го повтори успехот од минатата година и дека и покрај тешката конкуренција, во Куманово ќе се вратат со златен медел.

Коментари

коментар(и)