Атлетскиот клуб „Куманово“ со нов државен рекорд

Атлетичарите од атлетскиот клуб „Куманово“ продолжуваат со одличните резултати на државните и на меѓународните натпревари. На пионерското првенство кое што се одржа вчера во Скопје голем број од младите атлетичари од клубот се закитија со медали и ги оправдаа фаворитските улоги во нивните дисциплини, а повозрасните кои што се натпреваруваа вон конкуренција ги потврдија своите квалитети и доминацијата во македонската атлетика. Од клубот посочија дека покрај тоа што повозрасните атлетичари имаат одлични настапи на државно и меѓународно ниво, во помладите категории има поединци кои што би можеле во наредниот период  со активна работа и посветеност да бидат вклучени во тимот за настапи и на меѓународни натпревари. Од клубот исто така истакнаа дека со ваквите турнири на младите атлетичари им се овозможува да влезат во натпреварувачки ритам.

-На пионерското првенство настапија атлетичари родени 2001 и помлади. Таа екипа која е малку послаба генерација сега имаме 2004 и помлади настапија во борбата да се челичат и да постигнат лични рекорди. Голем дел се закитија со златни медаљи. Најголем успех постигна Иван Тимчевски кој победи на трката од 1000 метри. Тој беше и прв на првенството за основни училишта што се одржа на оваа патека тука во Куманово. Засега е напобеден на тие дисциплини на патеките,вели Филип Колевски, тренер на Атлетски клуб „Куманово“

На вчерашниот турнир посебно се истакна Матеја Ефремовска која што го подобри државниот рекорд во фрлање диск. Ефремовска постигна резултат од 40 метри и 53 сантиметри кој што е и нејзин личен рекорд.  Според Ефремовска константната нагорна линија на формата не би требало да застане тука, туку очекува уште подобри резултати во наредниот период.

-Од 29ти април како почна сезоната на секој натпревар имав успешни настапи, на секој натпревар правев нов личен резултат и три пати го подобрив државниот рекорд во фрлање на диск. Последен пат го подобрив вчера на натпреварот во Скопје во кој настапив вон конкуренција.Оваа сезона немам пораз во Македонија во оваа дисциплина и освоив две медали на меѓународни натпревари во фрлање диск, вели Матеја Ефремовска, атлетичар во Атлетски клуб „Куманово“

На пионерското првенство исто така вон конкуренција настапи и Милан Вељковиќ, кој неодамна се врати од меѓународен митинг кој што се одржа во Бугарија. Вељковиќ настапи во конкуренција со неколку атлетичари кои што овие турнири ги користат како подготовки за олимписките игри што ќе се одржат летово во Рио.

-Митингот се одржуваше во градот Стара Загора, таму настапив само во 400 метри и на трката успеав да остварам резултат што ми е најдобар за оваа година, што ми дава надеж дека можам да се подобрувам уште повеќе. Би требало да се напомене дека тоа беше многу тежок натпревар со силна конкуренција, таму се остварија едни од најдобрите резултати во светот за оваа година. Јас бев најдобар во својата возраст во тој натпревар, вели Милан Вељковиќ, атлетичар во Атлетски клуб „Куманово“

Во периодот што следи атлетичарите од клубот се подготвуваат за следните турнири во домашното првенство, но најдобрите веќе се влезени во тренинг процес за што подобро претставување на балканските првенства.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)