„Аудиенција“ синоќа премиерно во кумановскиот театар

Публиката синоќа со громогласен аплауз ја поздрави премиерата на претставата „Аудиенција“  која воедно го означи почетокот на новата сезона на кумановскиот театар. Апсурдната драма, дело на Вацлав Хавел напишана на крајот од дваесетиот век отворено го критикува општеството. Главните и единствени ликови се Садек , чиновник во пивара и Вањек талентиран писател на театарски пиеси кој е казнет и деградиран со физичка работа во пиварата. Претставата ја режираше актерот Мирослав Петковиќ, а ја играа актерите Чедомир Митевски и Горан Илиќ. „Аудиенција“ досега била играна  по кафулињата низ Куманово и Скопје,  а за прв пат се изведува на театарската сцена. Режисерот Петковиќ е задоволен од реакциите на публиката, а допрва ги очекува искрените коментари и  оценките од критичарите.

– Овој пат е поразлично имаме цела техничка екипа зад нас, минатиот пат и амбиентот беше поинаков но овој пат сме на нормална театарска сцена. Има убави моменти и играњето по кафулиња и директниот контакт со луѓето но сепак тука е театарска атмосфера во кафулињата е малку поинаку, вели режисерот Мирослав Петковиќ.

Актерската екипа е задоволна од својот настап, а велат, најважно за нив е да се пренесе пораката до публиката и таа да се соживее со нив. Тие додаваат дека премиерата е секогаш поемотивно набиена за разлика од останатите изведби.

– Постојано има некоја чудна енергија и адреналин незнам како тоа делува на публиката. Јас дојдов со температура и лекови и сега на крај на претставата не ме боли ништо, вели актерот Горан Илиќ.

– Беше енергична целата ситуација го почуствував моментот кога го се споивме со публиката, објаснува актерот Чедомир Митевски.

Сите оние кои не ја виделе премиерата на „Аудиенција“ вечерва ќе можат да ја проследат репризата на малата сцена во театарот закажана во осум часот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)