Библиотеката го одбележа Светскиот ден на книгата

По 23 –ти пат градската библиотека „Тане Георгиевски“ денеска го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право- 23 Април. Читателите кои ја посетија библиотеката добија подарок книга и цвет, според стариот каталонски обичај од каде потекнува идејата и традицијата за одбележување на овој ден, изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски.

Денеска во библиотеката беа презентирани и пораките што ги испраќаат, генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски.

Во светската порака,  меѓу другото се наведува  дека „ кај книгата се испреплетуваат, слободата на изразувањето и на објавувањето, кои се соочени со предизвици, од преиспитување на авторското право и на културната разноликост преку закани за физички напади врз авторите, новинарите и издавачите во многу земји, па се до нивно газење при нападите на училишта и уништувањето на ракописи и на книги.

-Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме фундаментите за мир, но и да ги заштитиме и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори- се вели во пораката на Азуле.

Атина е именувана за Светска престолнина на книгата за 2018 година, за нејзината квалитетна програма за поддршка на издаваштвото, и пристапот  на книгите до целото население и до мигрантите и бегалците.

Во македонската порака на министерот Алаѓозовски пак, се наведува дека  книгите во сите форми го олицетворуваат човечкиот гениј, му даваат реално богатство на човечкото искуство, вербализирајќи ја потрагата по смислата на човековото  постоење и потребата за слободно себеизразување, која е заедничка на сите луѓе во сите општества. Во пораката се потенцира дека книгата треба да се прославува заедно со соседите и човештвото, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина.

Надлежните од  библиотеката постојано во текот на годината  на различни начини ја популаризираат книгата меѓу кумановци. По тој повод на 25 април во Одделот за деца во 12 часот ќе се одржи работилница и промоција на книгата „Сонови и приказни од нив“ од Виолета Ѓуровска и Горјан  Петревски.

Кумановската библиотека три пати годишно набавува книги  белетристика и стручна литература, а еднаш годишно лектири за учениците, а од втори мај ќе започне и дигитализацијата на Наш весни, изјави Петковски.

Кумановската библиотека располага со книжен фонд од околу 220.000 книги.Околу 5000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга. Дневно  на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу  250 читатели. Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна лиетаратура, но значителен е процентот на кумановци од средната генерација кои зајмуваат белетристика, различни жанрови, љубовни, криминалистички,трилери, научна фантастика.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)