Бислимска клисура доби рекреативен еко-центар и спортска опрема (ВИДЕО)

Градоначалникот Максим Димитриевски, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Тејада вчера во Бислимска клисура го промовираа проектот „Уредување и валоризација на спортско рекреативниот еко-центар Бислим“. Заедничкот проект за развивање на туризмот во североисточниот регион за кој беа доделени околу 8 милиони денари е отпочат пред година и пол. Со средствата беше набавена различна спортска опрема, појасни Димитриевски.

-Северо-источниот плански регион со едногласна одлука на сите градоначалници од регионот ја додели на Лаг Абер 2015 од Куманово, коишто во соработка со друга професионална организација која се занимава со развој на ваков спорт веќе отпочнува со имплементација и развој на вакви проекти. Нашата цел како општина е да го искористиме капацитетот на Бислимската клисура за дополнителен развој на туризмот, не само во Општина Куманово, туку и во регионот“, изјави Димитриевски.

Швајцарската амбасадорка Зутер Тејада присуствувајќи на свеченото отворање на спортско рекреативниот еко-центар во Бислимската клисура изрази задоволство што е дел од партнерството со општината и со Министерството за локална самоуправа.

-Навистина ми е драго што можевме да допринесеме да се развие оваа дестинација. Исто така, би сакала да кажам дека мошне сум задоволна дека во изминатите неколку години соработката со Министерството за локална самоуправа навистина напредна многу и е прекрасно искуство. Особена благодарност на градоначалникот на Куманово Димитриевски што секогаш е подготвен да поддржи вакви иницијативи и е подготвен и понатаму да го продолжува развојот на Бислимска клисура како дестинација, изјави Зутер Тејада.

Министерот Милевски информираше дека заедно со швајцарската амбасада
набавиле 20 комплетно опремени кајаци, кои можат да ги користат и лицата со посебни потреби. Набавени се 8 машки и 8 женски велосипеди, 6 електрични велосипеди и 2 мотори со погон на четири тркала и дополнителна опрема која што ќе се користи за разновидни содржини – велосипедизам, авантуристичкиот туризам, алпинизмот.

– Ова е неискористен потенцијал за туризмот во целиот северо-источен плански регион, особено на Куманово кои се носители на овој регион. Практично, ќе стимулира и нови инвестиции тука, и во селото Пчиња, но и пошироко бидејќи очекуваме туристи не само од нашата држава, но и од странство. Ја збогатуваме понудата за авантуристичкиот туризам со тоа што го реновиравме и ставаме во функција овој еко центар Бислим којшто бил неискористен потенцијал за туризмот во нашата држава. Се надевам дека во иднина и со швајцарската амбасада ќе продолжиме да инвестираме во вакви точки, кои значат стимулирање на локалната економија и развој на туризмот во целата држава“, изјави Милевски.

Целта на проектот „Уредување и валоризација на спортско рекреативниот еко-центар Бислим“ е да се поттикне социјалната интеграција, инклузивност и отвореност за еднакви можности на децата со физичка попреченост.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)