Блокирана депонијата Краста

Депонијата Краста од утрово е под блокада од жителите на селото Пчиња. На камионите кои го депонираат сметот  не им се дозволува влез на депонијата. Според жителите, блокадата на патот е поради тоа што меморандумот кој пред 7 години  бил потпишан меѓу градоначалникот на Куманово и месната заедница во целост не е  испочитуван. Водата во селските бунари е загадена , нема водоводна и канализациона мрежа и покрај тоа што пред  4 години доставивме проект до општината за чија реализација има обезбедени средства, велат пчињани.

-За овој проект има обезбедено средства кои мора да почнат да се искористуваат до крајот на годината. Неколку години нашиот проект е свесно блокиран од градоначалникот  и не сака да го потпише и прати до министерството за транспорт и врски, за реализација, од ова место сакаме да го прашаме дали жителите на Пчиња заслужуваат да живеат во вакви услови, што имаме лошо направено да на ваков начин не игнорирате и не преземате нешто за сите нас, изјави Дејан Трендевски , претседател на МЗ „Пчиња“

-Жици искинати, кога ќе врне се прави кал на патот каде што влегуваат камионите со ѓубре,  требаше по договорот да се отвори влез на другата страна на депонијата, изјави Далибор  Илиевски, жител на Пчиња

Градоначалникот Зоран Дамјановски  смета дека блокадата е политички мотивирана бидејќи истото се случувало последните неколку години. Тој посочи дека веќе се формирани  Совет за управување со цврст отпад и јавното  претпријатие „ Еко- зона “ кое треба да отпочне со работа, но поради правни процедури се  уште не е во функција . Врз основа на потпишаниот Меморандум со министерството за екологија, општината е должна до 2020 година да ја затвори депонијата, рече Дамјановски.

– Дадоа барање да не се движат возила потешки од 7 тони,  но без сообраќајна студија тие знаци не се обврска на сообраќајната полиција, така што сега во моментот се распишува тендер за сообраќајна студија и ќе дојдеме до конечно решение.  3 проекти  се дадени пред три години и не се во тендерска постапка од за  мене неразбирливи причини , изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Спопред директорот на „Чистота и зеленило“  депонијата се одржува во најдобар ред, а тоа го потврдува со фактот што пред две недели добиле позитивна оценка за депонирање на сметот при контрола од министерството за екологија.

-Штетата  е голема и за јп и за општината и за граѓаните,  може да дојде до несакана последица во однос на здравјето на граѓаните,  нема алтернативно решение за изнесување и депонирање , разговараме со други општини , но сето тоа е дополнителен трошок,  изјави Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Локалната власт го повикува началникот на СВР Куманово да преземе мерки бидејќи станувало збор за јавен интерес и за загрозување на здравјето на 100 илјади граѓани

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)