Богата програма за празникот на градот

Во пресрет на Денот на ослободувањето на Куманово, 11-ти Ноември , под покровителство на Општина Куманово, а во соработка со Фондацијата за култура и спорт и Секторот за култура, ќе се одржат повеќе културни и спортски манифестации.

Одбележувањето веќе започна со одржување на Поткозјачките литературни средби и концертот на пензионерите За својот град. Новина е што годинава за прв пат на градскиот плоштад, ќе има две вечери концерти, на кои ќе настапи легендата на тамбурашка музика на просторите на некогашна Југославија, Звонко Богдан   и босанската група Хари Мата Хари.

-Ја користам оваа прилика да ги информирам и да ги поканам сите наши сограѓани да уживаат во ноемвриските денови коишто претстојат, со тоа што акцент ќе се даде на 9-ти ноември со концерт на градскиот плоштад на Звонко Богдан, а на 10-ти ноември на градскиот плоштад ќе одржи свој концерт во чест на празникот на градот и мега ѕвездата од балканските простори Хари Мата Хари. Ги поканувам сите без оглед на својата возраст, етничка, верска или која било припадност да не придржуваат и заедно да го обележиме јубилејот на градот – нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Освен Звонко Богдан и Хари Мата Хари на градскиот плоштад ќе настапат и Кумановски тамбураши со Нино Величковски и Сандра Милковска, како и Мартинијан Кириловски, Ивона Јовановиќ, Мартија Станојковиќ, Марио Арангеловски , Аулона Ајрулау и Бесим Мифтари. Во рамки на одбележувањето на ноемвриските денови се предвидени и поголем број културни и спортски настани.

-Почнувајќи од вторник на 6-ти Меѓународна изложба на фотографии Фото стори, Фото клуб Куманово, Занаетчиски дом во 19 часот. Годишниот концерт на КУД Бајрам Шабани во Центарот за култура во среда во 18 часот, турнирот во мал фудбал за пехар на градоначалникот ќе биде во петок во Спорската сала. Истиот ден е и ликовната изложба Карпино, во 19 часот во Центарот за култура, На 10-ти се планирани неколку настани. Првин Куп 11 ти ноември во спортски риболов на рибарскиот клуб Пчиња, во 11 часот е откривање на спомен плоча во село Пелинце, 9-от меѓународен турнир во пинг понг во гимназијата, па атлетската ноќна трка во организација на Атлетски клуб Куманово е пред хотел Кристал во 18 часот, традиционалната ликовна изложба Кумановски ликовни уметници е во 19 и 30 часот, во Уметничката галерија-истакна директорот на Фондација за култура и спорт, Нино Величковски.

На 11-ти ноември, Денот на ослободување на градот традиционално делегациите во 11 часот на Спомен костурница ќе положат свежо цвеќе, а од 12 часот ќе се одржи Свечената седница на Советот на општината, овој пат во Центарот за култура, на која ќе се додели и највисокото општинско признание Ноемвриската награда. Одбележувањето на 74-годишнината од слободно Куманово општината ќе ја чини 900.000 денари.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)