Богата програма на здружението „Кумановски акцијаши“

Целосно уредување на Спомен Костурница со реализација на акцијата „Вера 2018“, бројни акции за пошумување и уредување на зелени јавни површини, еко работилници, како и формирање на еколошки информативен центар, се дел од активностите коишто се предвидени во годишната програма на здружението на волонтери Кумановски акцијаши. Претседателот на здружението Јусуф Љатифи информираше дека во програмата која што ја изготвил Секторот за заштита и унапредување на животната средина, се предвидени бројни новини. Со еколошкиот информативен центар граѓаните ќе можат на бесплатен телефонски број да ги кажат своите забелешки, предлози и да бидат активни чинители во креирањето на стратегијата за заштита на животната средина.

-Воведуваме уште други новини, тоа е „Јас сум еколог биди и ти“. Тоа е активност која предвидува анимирање на група граѓани од одреден дел од градот, ако е станбена зграда од таму, улица, маало, потоа одиме на уште една новина еколошко семејство, секој месец доделуваме еколошко зелено знаме, за најдобро еколошко семејство а ќе имаат задача уредување на сопствениот двор, балкон и слично, селектирање на смет и други активности кои се предвидени во тој дел. За наредната учебна година предвидуваме еколошка работилница во секое основно и средно училиште. Тоа досега во државата не е правено, ова е прв пат, каде што во образованиот систем со помош на млади аниматори, ќе се анимира ученикот уште во раната фаза на нивното образование, се креира таа свест-истакна Љатифи.

Годинава е планирано да се реализираат и осум акции за пошумување, озеленување на јавни површини, излетничко рекративни места, а здружението добило иницијатива и за изградба на патот до манастирот Карпино, како и уредување на патеките до манастирот во Матејче, но и на Липковската брана. Во рамки на еколошките активности најзначајна е меѓународната волонтерско еколошка работна акција ВЕРА 2018, која ќе се реализира во јули на Спомен Костурница. За оваа акција е предвидено учество на 200 волонтери од 13 држави од Балканот но и од Бразил, исто број волонтери ќе бидат и од Македонија.

-Граѓаните да не мислат дека се ова активности на кои ќе учествуваме само ние, така што преку тој еколошко информативен центар ќе бидат анимирани граѓаните има предвидена активност волонтирај еколошки тоа е активност која е планирана за три години од 1 март до 31 март 2021 година каде секоја сабота граѓаните преку еколошко информативниот центар ќе се анимираат организираат и по нивен избор ќе уредуваат одредена зелена јавна површина. Тука се практично предвидени за оваа година 44 саботи, или вкупно 161 сабота-истакна тој.

Љатифи потенцираше дека изминатиов период голем број граѓани само им сугерирале и коментирале што да работат, но има и луѓе кои активно се вклучуваат во нивните акции. Истакна дека е посебно задоволен од интересот којшто го покажуваат средношколците од земјоделското училиште Киро Бурназ, економското Перо Наков  и техничкото Наце Буѓони, како и од основните училишта меѓу кои доминираат учениците од Браќа Миладиновци. Моменталниот број на ученици кои што волонираат во Кумановски акцијаши изнесува над 270.

 

Коментари

коментар(и)