Божин Павловски: Мора ли годинава Македонците да одат во мајчината за да дојдат кротки Северномакедонци или не мора?

Со многу горчина и иронија академикот Божин Павловски ја портретира иднината на Македонија. Без многу оптимизам. Прецизно и јасно, како и во неговите 22 романи. Тој веќе 60 години учествува во општествениот и културниот живот на својот народ. И во неговиот последен роман насловен „На пат за Ахасферија“ пишува за тој народ, но овојпат за неговото исчезнување. Видовме како заврши авантурата на Груевски, оваа година е пресудна за експериментот на Заев, вели тој.

Академикот Божин Павловски не е само автор на 22 романи што освоиле исто толку домашни и меѓународни признанија, кои доживеале и стотина преведени изданија. Близу три децении ја раководеше легендарната „Мисла”, која ја основа на 23 години како прва приватна издавачка куќа, а за успесите беше одликуван со највисок Орден заслуги за народ. И повеќе од три децении стои на чело на Бордот што ги издава двата македонски неделни весници во Австралија. Отсекогаш бил оригинален соговорник на темите поврзани со иднината на Македонија.

Пред неколку години изјавивте дека ова е најдраматичното време за нашата малечка земја, и дека помните од 1949 наваму. Драматиката продолжува, нема крај…

– Како интелектуалец што половина година живее во татковината, а другата половина надвор од неа, особено ме загрижува нашето предолго летање во место. Во овој 21 век и малите земји бележеа голем напредок. Имаа пристап до евтино кредитирање на својот економски развој и многу технолошки иновации беа достапни за секого. Згора на тоа, и ние поседувавме стручни кадри за таков подвиг што си заминаа разочарани од тоа летање во место.

Да не се преобразеше нашата демократизација во бескрупулозен криминал, ние сега ќе бевме држава на среќни граѓани. Но социјалното назадување го доведе во ризик големото и благородно македонско будење.

Повеќе од десет години се поминати откако почнавме и многу штетни политички експерименти, така што потсетуваме на она што се случуваше во Камбоџа за време на Црвените Кмери. Инженеринг со кутриот народ. Недостасуваат само логори. Тогашниот лидер, кој е во бегство, со помош на државни патриоти, ветуваше светла иднина во темното минато и безмилосно трошеше незаработени пари, втерувајќи страв во коските на своите критичари, додека сегашниов лидер, кој според мене исто така ќе се реши за егзил по уште поголемите зулуми што се во тек, со помош на државни идиоти, ветува драматично ризична и матна иднина. Одвреме навреме ќе излезе пред јавноста да признае дека го излажале, но и понатаму влече накај понорите, како да е под дејство на дрога.

Видовме како заврши авантурата на Груевски. Оваа година е пресудна за експериментот на Заев. Според планот на Грција, за кој и врапчињата знаат бидејќи јавно го изнесуваат нивни политичари, помогнат од Бугарија и Албанија, токму годинава треба „Македонците да одат во мајчината, за да им го отстапат местото на кротки Северномакедонци”.

Пописот на населението, кој се форсира по секоја цена во време на пандемија, е алатка во прилог на Преспанскиот договор и на глупостите што ги прави Заев со бугарските и албанските национи, имплементирајќи неуставни договори по неуспешен референдум.

На секој човек со здрав разум му е јасно дека, по масовните селидби и белата чума, ќе се покаже големо осипување на Македонците. Или тој Заев не знае што прави, или му е наложено тоа да го направи. Каков зорт има да форсира пребројување на веќе исплашениот народ, наместо да почека нормализирање на состојбата?

Македонската дијаспора не контактира со оваа власт ниту е информирана за пописот, за разлика од албанската, која е координирана од обучени момчиња на платен список во Владата уште од времето на Груевски (од оние 1.500 што не одат на работа половината живеат во странство).

Каде ја промашивме работата во последните 30 години, од независноста на Македонија? Каде греши секоја нова и нова власт?

– Знаете сами дека при раздружувањето од Федерацијата ние стартувавме неподготвени да градиме држава со друго општествено уредување. Го повикавме на чело да ни биде тогаш најславниот жив комунист, Киро Глигоров, кој на Тито му ги врачуваше сите три ордени народен херој. Многу добар човек, важеше за врвен економист во времето на комунизмот. Ќамуран Тахир барем еднаш годишно го канеше во Скопје да вечера со нас писателите, најчесто во Македонска куќа на Калето. Но во сите осум години тој уста не отвори за економскиот развој на новата држава во која хазардно се приватизираше народниот имот. Не беше алчен, можеше да ја спречи криминалната приватизација. Така и почна масовното корумпирање, кое доби ендемски размери. Една по друга се редеа неодговорни политички гарнитури, за најпосле да добиеме хазардери. Цели 30 години летаме во место.

Сакам ова да го илустрирам со еден парадокс: во последните години на Федерацијата, кај мене во „Мисла” се собираа наши големи умови, од Блаже Конески, Лазар Мојсов, Грличков, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, сите преплашени за нашата иднина. А Никола Кљусев многу често го водеше со себе Јордан Мијалков, и бараше секогаш тој да седне меѓу Славко Јаневски и Гане Тодоровски, двајца познати шегаџии. Тие му го релаксираа екстремниот патриотски набој зашто тој се фалеше дека во чантата си носи пиштол. Замислете ја сега трансформацијата во нашето општество: таткото си доби една од најубавите улици во Скопје, додека неговиот алчен и аздисан син си го доби Идризово. Да се исплашиш колку брзо ги заборавивме идеалите за сметка на богатењето и политичкиот криминал.

А сега во тек е самоуништување.

– Откако ќе се покаже дека во Македонија останале да живеат околу еден милион Македонци, додека бројот на Албанците сепак пораснал со подобар наталитет, на сцена ќе стапи психолошкиот фактор. Тоа во светот се нарекува социјална стигма. Да се срамиш, да бидеш гневен, меѓутоа и немоќно револтиран. Жесток удар на македонизмот, по кој не сум убеден дека ќе остане нешто од патриотизмот. Можеби само по меаните. Ќе пееме и ќе плачеме дека светот не нѐ разбира, иако самите се насукавме на балканските пропаганди.

Јас не познавам смачкан и понижен народ што може да гради посветла иднина. Зошто токму сега, кога многумина нема да им отворат врата на попишувачите, мора да се изведува пописот? Толку ли има зорт премиерот да ја зацементира Тиранската платформа? Државата не треба да живее сардисана и во постојан стрес. Верувајте ми, ова е режирано за да се отворат нови бескрајни караници.

И Блаже Конески понекогаш ја цитираше изјавата на нобеловецот Андриќ дека творецот може да умре двапати: еднаш физички, вторпат кога ќе ја поништат неговата задужбина.

Дијаспората е убедена дека тоа здружените пропаганди им го подготвуваат на Македонците за полесно да ги испратат во мајчината. Немаше Бугарија да го чека својот ред за да се нафрли како на жив труп што треба да се распарчи. Се подготвува терен за светот да констатира дека сме неспособна и неодржлива држава. Да не заборавиме дека до 2017 година со Бугарите имавме многу коректни односи.

До ова дереџе сепак немаше да стигнеме доколку пропагандите не си пронајдеа антијунак во нашите редови. Денес, кога сите наши институции се во лимбо, кога од Европа доаѓаат само лаги и нови услови за исполнување, недостига еден политичар од форматот на Крсте Црвенковски, со висока национална свест, храбар и чесен, кој би заслужил помасовна доверба. Еманципатор наместо гробар. Затоа што граѓаните се подлажани со коруптивни вработувања во државниот сектор и љубоморно развиваат меѓусебен анимозитет. Во некои случаи брат со брат не сакаат да се видат. Во игра е феноменот „раздели па владеј”, кој, според Рапопорт, царуваше пред распарчувањето на Македонија.

Божин Павловски и Блаже Конески
Извор: Лична архива на Божин Павловски

 

Го споменувате пописот. Сметате дека и оваа статистичка операција е ставена во таква функција?

– Пописот треба да биде статистичка работа, а не политичка манипулација. Вака како што тврдоглаво се форсира, тој ќе биде катализатор на нови караници, многу поголеми од овие со Бугарите и многу поопасни затоа што ќе тлеат внатре во државата. По никоја цена не смее да се штелува попис ако не сакаме уште една жива рана. Доколку успеат пропагандите да внесат кавги меѓуетнички, животот ќе стане целосно неподнослив.

Како академик како ги коментирате последните јавни настапи на претседателот на МАНУ, кои за многумина се изненадување, во споредба со стерилноста, неинвентивноста и конформизмот на академијата од претходните години?

– Тоа што сме доведени во неповолна, да не речам во амбис-позиција, не значи дека немаме умни луѓе. Академик Коцарев бездруго е меѓу најумните, научник со светска репутација. Жал ми е што го нападнале владини ботови, но сите клевети ќе се разбијат во допир со неговата чесност и храброст. Да жртвуваш професорска кариера на еден од најпрестижните американски универзитети, Беркли, каде што се цени научникот, за да му се ставиш на располагање на својот народ, тоа е возвишен гест на академик Коцарев.

Восхитен сум што во македонскиот амбиент храброст и надеж внесуваат повеќе жени што не им припаѓаат на партиите. Во светот на дијаспората тие уживаат неподелен углед. Можеби ќе разбудат свест и совест од помасовни димензии, особено кај мајките.

Веќе не е шега изјавата на еден учен Грк дека ова е годината во која Македонците ќе одат во мајчината и на сите нивоа ќе имаме работа со кротки Северномакедонци. Мајките, односно жените, знаат колку е болно породувањето на секое чедо. А пак враќањето назад во мајчината утроба е потешко и поболно. И многу срамно кога мораш да зажалиш што си роден – наместо да го славиш животот и да уживаш во него.

Како еден Македонец во Австралија гледа на сето ова што ни се случува тука, во Македонија, криминал, корупција, безрбетништво, полтронство, немање гордост, интегритет, достоинство?

– Ја снема одушевеноста за посета на родниот крај. И заразава тука има свое влијание. Доколку е верно тврдењето на експертите дека во платниот биланс на Македонија таа учествуваше со една четвртина, овие глупости со нејзиното отуѓување ќе чинат прескапо. Жал ми е, толку голем труд вложивме за да заличиме на хрватската, грчката, италијанската дијаспора.

Дијаспората не се бендиса како Северномакедонци и ги прекина речиси сите контакти со власта. Но сега во тек е вториот чин. Нејзино исчезнување. Ако е точно дека таа сочинува и третина од Македонците (500.000), бездруго и тоа ќе остави зад себе болни последици. И емотивни и материјални.

За да ја избегне социјалната стигма, дијаспората ќе престане да се декларира како дијаспора. Штом не може да се гордее со своето име, таа ќе си ја наведне главата и ќе се притаи.

Во наредните пописи на државите ќе ги снема Македонците. Заедно со гордоста дека биле тоа. Во мигов културно-уметничките друштва му ставаат крај на своето постоење. Низ светот наши познати кореографи ентузијасти привлекоа не помалку од десет илјади момчиња и девојки што го играа и пееја нашиот фолклор. Што значеа тие? На своја сметка одеа по Јапонии, Кини, гордо ја презентираа Македонија. Тие беа вистинските амбасадори. Одеднаш некој им ги скрати крилата, им ја уби гордоста. Без радост и гордост нема ни песна ни веење национално знаме.

 

Што да се каже за кутрите нивни кореографи? Ја крстосувале Македонија за да набават стари народни носии. И сега жално гледаат како собираат прашина обесени по ѕидовите. Познавам еден што од Македонија донесе 400 народни носии. Се фаќа за глава, вели, децата се столчени, не можат да ги покренат нозете.

Спортските клубови што ја претставуваа македонската заедница, некои и во првите лиги на сојузните држави што привлекуваа и по десет илјади навивачи, ќе бараат спас кај широкото локално население.

Иако верските храмови ќе останат без масовни верници, сепак ќе има леб за поповите додека не изумрат постарите генерации. На сите други институции и организации (околу 500) им се заканува катанец. Убиена е националната гордост.

Ќе повторам една стара анегдота за да знаеме што значи гордоста наспроти стигмата. Во 1992 година, кога македонските весници блеснаа во Австралија, во нашата редакција во Престон ни доаѓаа во посета до 16 универзитетски професори и предавачи. „И јас сум од македонски родители”, гордо се фалеа еден по друг. Но веќе наредната година, кога станавме ФИРОМ, остана само еден. Попусто се обидував да ги добијам на телефон. Беа недостапни.

Ете таква стигма ќе ја покоси македонската гордост насекаде. Мислам дека бугарските пасоши набрзо ќе вредат исто колку секој европски пасош и тоа ќе биде следниот шок што социјалната стигма ќе ја претвори во трагедија.

Постојано сме пред некои историски предизвици, пред некои историски одлуки. Како да дојдеме до тоа да бидеме пред некој нормален, развоен, богат и досаден период од нашата транзиција?

– Неретко спасот е баран назад во разумот. Човековите и граѓанските права се неотуѓива сопственост и вредност на секој поединец. На Македонците им се узурпирани граѓанските и националните права. Ниту референдумот ниту Уставот не му дадоа право на Заев да ги прекрстува. Насекаде во светот се отфрла стигмата и се елиминира нејзината причина, само ние си ја навлековме без да ги анализираме последиците.

Уставниот суд предолго молчи: тој мора елегантно да ја исправи оваа неправда што го снајде народот. Цел свет ќе ја почитува работата на уставните судии доколку го поништат овој коруптивен и умоболен процес на самоуништување. Англосаксонците ни во тоалет не одат без наука, а ние му дозволивме на едно неуко суштество да нѐ пушти во канализација.

Таман ќе помислиме дека сме добиле некаков морков за срамната одлука за промена на името, доаѓаме до ново разочарување – ништо од морковот. Сите овие процеси на неправди, на манипулации, на обезличување, на понижување… оставаат сериозни траги во менталниот запис на еден народ. Што може да излезе од тоа?

– Ете тука е разликата меѓу нашите во татковината и дијаспората, која нема друг избор освен да ја отфрли социјалната стигма. Таа не зависи од Буџетот што го узурпирале политичари. Но во Македонија веројатно ќе продолжи да живее грдиот менталитет: „Молчи и трпи, затоа што црното може да биде поцрно”. Вакво нешто веќе не може да сретнете ни во Африка. Ете кај нас политичарите го потчинија својот народ. Заборавајќи дека тој е Џин и може, ако се разбуди, да испорача жестока казна.

Не сте баш оптимист. „На пат за Ахасферија” е насловот на вашиот последен роман. Така ја предвидувате и судбината на Македонија, исчезнување?

– И денес не можам да поверувам дека некој се дрзнал да ги стави пред исчезнување македонскиот јазик, кој беше нашата вистинска татковина, македонското име кое во цел свет (освен кај некои наши соседи) се прифаќаше како исправање на историска неправда и се доживуваше како Феникс, не само од нашата половина милионска емиграција туку од сите добронамерни луѓе.

Но, доколку Уставен не биде на висина на својата задача, нашата приказна ќе биде трагична и уникатна. Самите сме се поништиле и, книжевно речено, вратиле во легендите. Ништо од Фениксот, пепел.

Откако ќе престанат со работа културно – уметничките друштва во дијаспората(околу 50), ќе исчезнат македонските училишта, ќе биде елиминиран македонскиот јазик од мултикултурните програми што ги финансираат владите. (Ќе нема за кого да постои)  Ништо од птицата Феникс.

Веќе да не ве лажат политичарите. Никаде во светот нема да се одржи ни лекторат, ни катедра за северно-македонски јазик, ниту ќе постои интерес за северно-  македонска литература, наука…моето 33  годишно искуство во земјите на реалниот капитализам вели дека не се помага ништо што не носи доволно гласачи.  И како што дијаспората ќе исчезне за да го избегне срамот дека е прекрстена, така набрзо ќе постапат сите талентирани луѓе во татковината.

Уставен суд е обврзан штетните договори да ги поништи за најпрво да поминат низ правна и научна експертиза. Ако биде на ниво на задачата, секоја му чест.

И од мене што си вложив живот во македонските работи, и во име на сите наши покојни генерации творци што ја изѕидаа македонската уметност, наука, култура.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)