Борците ја одбележаа годишнината од битката во Пелинце

Во Пелинце денеска се одбележаа 77 години од битката во која загинаа борците Ангел Лазаревски-Шајче и Трифун Ангеловски-Летеќи. Во чест на загинатите, цвеќе положија делегации од Сојузот на борци од Куманово,  локалната самоуправа, Советот , детската градинка која го носи името на првоборецот, како и внукот на Шајче кој што го носи името, презимето и прекарот на својот чичко со потесното семејство. Пригодно обраќање пред присутните имаше секретарот на Сојузот на Борци во Куманово, Благе Јакимовски кој потсети дека на денешен ден во 1944 –та година на ова место е водена борбата помеѓу кумановскиот баталјон Јордан Николов – Орце предводен од Христијан Тодоровски Карпош и бугарскиот полициски одред Бенковски.  „Во оваа борба животите ги дадоа двајца кумановци. Во нивна чест и во чест на сите останати борци кои загинаа во НОБ, денеска им оддаваме почит“ , рече Јакимовски.

Освен Шајче и Летеќи, во битката загинале и 18 бугарски полицајци, а 25 биле заробени. Големата победа ја зацврстила слободната Козјачка територија, по што е формирана Третата Македонска ударна бригада.

Но, освен на битката кај Пелинце, Јакимовски се осврна и на актуелната политичка состојба во државата и односите на Македонија со источниот сосед по ветото за добивањето датум за старт на преговорите на нашата држава со ЕУ.

Јакимовски смета дека македонските власти ќе покажат мудрост, дипломатска одговорност кон македонскиот народ и ќе повлечат потези кои што во никој случај нема да бидат на штета на граѓаните.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)