Борците ќе ја посетат Спомен куќата на Карпош

По повод одбележувањето на 75-годишнината од загинувањето на Христијан Тодоровски Карпош, членови на Сојузот на борци од Куманово утре ќе ја посетат Спомен куќата на народниот херој, ќе положат цвеќе, а ќе биде одржан и пригоден говор за ликот и делото на Карпош.

-После тоа ќе направиме делегација и ќе тргнеме во селото Биљача каде што пред спомен бистата на Христијан Тодоровски Карпош, легендарниот командант, козјачката легенда, народниот херој на Југославија од Македонија каде што е загинат ќе положиме цвеќе и ќе се дружиме со борците од Република Србија, од Врање и од Бујановац. Сакам да кажам дека она што некогаш било, а е битно, ако не се повторува, ако не се негува таа традиција, тоа е исто како да не било. Ние тоа никогаш нема да го дозволиме, секогаш ќе се сеќаваме на значајните датуми и личности, изјави Благе Јакимовски, претседател на Сојуз на борци Куманово 

Спомен обележјата  од НОБ во Куманово подолг временски период се во лоша состојба, посочува Јакимовски, апелирајќи до надлежните државни и локални институции да преземат мерки за заштита и обнова на спомениците.

Според Законот, спомениците се регистрирани во две групи, од национално и локално значење. Под надлежност на Министерството за култура се: Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ, Споменикот на револуцијата – Македонка, Менкова колиба, куќите на Дане Цеков и Карпош. За останатите спомен обележја треба да се грижат надлежните локални институции.

-Не се во добра состојба спомен обежјата. Ние можеме само да апелираме, да укажуваме до одредените институции, локалната самоуправа, министерството за култура и други институции да преземат соодветни мерки, меѓутоа не преземаат мерки. Ако ние направиме некоја активност,  конкретно еден период ние ја поставувавме плочата кај Спомен костурница, но бевме скарани од причини што сме ја нарушиле автентичноста на споменикот. Ние апелираме,  ако ние не смееме да преземаме активности, тогаш нека преземаат мерки тие што смеат, а спомениците треба да бидат зачувани затоа што тие сведочат за едно време кое што било тешко време, кое што поминало и после кое што време ние сме дошле и до сопствена држава, изјави Благе Јакимовски, претседател на Сојуз на борци, Куманово

Согласно Годишната програма и Календарот за одбележување значајни настани и личности од НОВ ( 1941-45-та  година) , Сојузот на борци од Куманово ќе ја одбележи и 75 годишнината од формирањето на Трета  Македонска ударна бригада во селото Жегљане. Јакимовски ги информира граѓаните кои што се заинтересирани да одат на одбележувањето, најмалку една недела пред 26-ти февруари да ги посетат канцелариите на боречката организација и навремено да се запишат заради ангажирање на потребниот  број на автобуси.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)