Бурни аплаузи за „Жена од минатото“

Кумановската публика со бурни аплаузи ја поздрави екипата на претставата „Жена од минатото“, која на синоќешната премиера покажа извонредна игра на сцената на кумановскиот театар. Текстот на претставата е напишан од Роланд Шимелфених кој е еден од поистакнатите европски драматурзи. Претставата ги опфаќа темите на отуѓеноста, осаменоста, губењето на интегритетот на поединецот и преку користење на филмски јазик, претставува распаѓање на едно семејство кое грешките од минатото го следат во иднината. Актерската екипа е составена од Александра Пешевска, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ, Игор Ангелов и Нина Максимова. Режисерката, Нела Витошевиќ, вели дека жанровски, претставата може да се опише како трилер – жанр кој е ретко поставуван на сцената на кумановскиот театар.

– Јас немав некој план да речеме, дека специјално доаѓам во Куманово за да поставам трилер, туку повеќе бев фокусиран на тоа каква подела има овој театар и текстот го одбрав според поделата што ја имам. Така да трилерот дојде некако подоцна кога го формирав концептот. Во суштина сакам да истражувам жанрови, сакам да го користам тој филмски јазик во театарот, изјави Нела Витошевиќ.

– Жанровски е погодена претставата и мислам дека си ја врши функцијата. Работата успешно ја завршивме, многу добро ја завршивме и сметам дека направивме прекрасна претстава. Што публиката ја поканувам да ужива, вели Игор Ангелов, актер.

Нововработената актерка од Кочани, Нина Максимова, со „Жена од минатото“ дебитираше на сцената на кумановскиот театар. Таа вели дека е среќна што работи со луѓе кои дале голем придонес за развој на театарската уметност во Куманово.

– Уште не сум стабилизирана, само што го соблеков костимот. Возбудена сум, баш поради тоа што ми е прва претстава во овој театар. Имав убав процес и убава соработка со сите колеги. Убава претстава направивме и јас сум задоволна, Нина Максимова, актерка

Граѓаните кои имаа можност премиерно да ја проследат претставата, велат дека со неа се влева бран на свежина во репртоарот, на кој најчесто досега имаше комедии. Тие сметаат дека почесто треба да бидат поставувани вакви дела.

Со „Жена од минатото“ воедно започна новата сезона во кумановскиот театар, а кумановци ќе имаат прилика да ја проследат проследат претставата на репризната изведба на 16 мај.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)