Васко Ѓурчиновски назначен за командант на ЗОК

Новиот командант на Здружено оперативната команда, бригадниот генерал, Васко Ѓурчиновски, денеска ја прими должноста од неговиот претходник, Методија Величковски, кој е избран за нов начелник на Генералштабот на АРМ. На денешната свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово, на примопредавањето на должноста присуствуваше и министерот за одбрана Зоран Јолевски. Тој истакна дека позицијата командант на Здружената оперативна команда е предизвик за припадниците на АРМ, но и поттик за покажување на стекнатите воени вештини.

-Убеден сум дека со вашата професионалност, посветеност, трудољубивост, интегритет, дисциплинираност и надополнето со вашите војнички и лидерски вештини, и способности ќе придонесете за презентирање на АРМ на највисоко ниво. Како министер за одбрана, верувам дека ќе ја оправдате довербата што ви ја укажа врховниот командант претседателот Иванов. За секој нов командант на ЗОК има мотив повеќе , секој мандат има и нови предизвици. Периодот што претстои е период со многу работа и голем предизвик во спроведување на реформите во одбраната, рече Јолевски.

Новиот командант се заблагодари за укажаната доверба и го нагласи големото значење на македонската армија во зачувување на мирот и стабилноста во државата.

-Трансформацијата која е започната ќе ја завршиме во целост до крајот на оваа година. Обучувањето и извежбувањето на единиците, постојаното подобрување на борбената подготвеност, реализацијата на меѓународните обуки и вежби. Добрите меѓучовечки и меѓунационални односи, вработените, подготвеноста и справувањето со сите видови на закани се клучните сфери на кои ќе посветам особено внимание, соопшти командант Ѓурчиновски.

На свечениот чин, генерал потполковник Величковски, се заблагодари на присутните за почитта кон Здружената оперативна команда и Армијата на Република Македонија. Успехот за задачите кои до сега ги извршил, тој го препиша на патриотизмот и итегритетот на припадниците на армијата.

-Верувајте ми дека често пати при реализација на задачите лично сум се прашувал, со какви лица сум командувал, знаејќи ги вашите капацитет, интегритет, патриотизам, често пати се прашував, дали доволно чинам за целиот потенцијал да го усмерам во права насока и да успееме во задачите. Верувам дека тоа сме го постигнале и сум успејал, но не заради себе самиот, туку поради вас, нагласи генерал потполковник Величковски.

Министерот Јолевски им се заблагодари на генералите Величковски и Ѓурчиновски за нивното заложување и извршување на воените задачи како дел од Армијата на Република Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)