Ваучери за пензионерите со најниски пензии

Здружението на пензионери „Куманово“ и годинава ќе додели 300 ваучери со вредносен износ од 1.000 денари на своите членови кои што примаат најниска пензија односно помалку од 11.000 денари. Оваа активност влегува во годишната програма на здружението врз основа на планираниот финансиски план каде што точно е предвидено колку вредносни ваучери ќе бидат доделени оваа година.

-Се носиме и со идејата дека пензионерскиот денар треба да оди кај пензионерите или пак девизата Од вас, за вас, за пензионерите. Во тој правец ние од 26 мај (вторник) почнуваме со поделба на овие ваучери. Сега ќе дадеме 200, а до крајот на годината ќе дадеме уште 100, ќе видиме кога тоа ќе биде. Требаше оваа година тоа да го направиме пред 1-ви Мај, меѓутоа поради корона кризата и по препораките на Владата и на министерството за здравство да седиме дома таа работа ја оставивме и сега цениме дека донекаде состојбата е поублажена и можеме да почнеме бидејќи повеќе од потребни им се овие средства на пензионерите, изјави Благе Јакимовски, претседател на Здружение на пензионери „Куманово“

Ваучери ќе добијат членовите на здружението на кои што месечните примања по однос на пензија им се пониски од  11.000 денари.

– Тоа тие ќе ги докажат со што кај нас ќе донесат чек од последна пензија и фотокопија од лична карта. Тие работи треба да ни ги достават. Ние ќе се организираме тука, ќе ги пречекаме и веднаш ќе им биде даден ваучерот во вредност од 1.000 денари. Ги замолуваме пензионерките и пензионерите согласно препораките кои што важат се уште да си носат заштитна опрема, средства за дезинфекција и да држат безбедно растојание од два метра додека чекаат пред просториите на здружението. Се надеваме дека овие средства ќе стигнат во вистински раце, на оние на кои што им се најпотребни, изјави Јакимовски.  

Толкав број ваучери и минатата година завршиле во вистински раце. Инаку,  Јакимовски посочува дека кумановските пензионери кои што членуваат во здружението во време на корона кризата се многу одговорни, внимателно ги следат препораките на надлежните здравствени власти заради што засега нема ниту заболени, ниту починати лица од вирусот ковид-19. 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)