(ВИДЕО)Акција за собирање на кабаст отпад викендов во градот

Јавното претријатие „Чистота и зеленило“ започнува со акции за собирање на кабаст отпад. Директорот на комуналното претпријатие, Даниел Стојчевски денеска ги повика граѓаните в сабота на две локации во градот да го одложат отпадот во посебни садови кои што ќе бидат поставени од Чистота и зеленило.  Акцијата ќе се спроведува на паркингот кај градскиот базен и на паркингот до Територијалната противпожарна едница Куманово, од 07 до 16 часот попладне, информира Стојчевски, посочувајќи дека во наредниот период ќе се организираат повеќе такви акции.

-Кога се вели кабаст отпад се мисли на отпад од домаќинство, стар мебел, апарати за домаќинство итн. Бидејќи ни претставуваат сериозен проблем при работењето кога граѓаните немаат соодветно место каде да го пласираат тој отпад затоа во наредниот период јавното претпријатие ќе организира повеќе такви акции во периодот на викендите кога граѓаните се послободни на повеќе локации ќе им даде можност да го депонираат овој отпад. Започнуваме од 19 март, оваа сабота и затоа сакам да ги информирам и известам сите граѓани и да ги повикам доколку имаат некој кабаст отпад во периодот од 07 до 16 часот на двете локации да го депонираат отпадот. Ќе пуштиме и дополнително известување преку нашата ФБ страница, преку веб сајтот на ЈП, а за сите понатамошни акции во понатамошниот период дополнително ќе ги известиме граѓаните за новите локации, рече Стојчевски.

„Чистота и зеленило“ ја врши услугата депонирање, транспортирање и изнесување на кабаст отпад за која дополнително се плаќа, но голем дел од граѓаните  не се доволно информирани за услугата што ја врши комуналното претпријатие, па кабастиот отпад најчесто се одлага покрај постоечките садови за смет. Токму ова е главната причина заради која комуналното претпријатие ќе организира повеќе акции за собирање на кабаст отпад.

-Се соочуваме со сериозни проблеми, кабаст отпад, несовесни граѓани се депонира веднаш до постоечките садови за смет и не може да се транспортира со камиони кои изнесуваат комунален отпад, можат да се оштетат и дефекти на ножевите кои го третираат отпадот. Принудени сме со дополнителни возила да го собираме оставениот кабаст отпад. Затоа полесно е за ЈП да организира повеќе акции, повеќе локации. Граѓаните имаат можност да го депонираат и полесно е да не се создава лоша слика. Затоа во одредени викенди ќе се депонира отпадот, за нас е полесно, ЈП ќе го транспортира, рече Стојчевски.

Од претпријатието најавуваат и акција за пошумување на локација кај Спомен костурница в понеделник, по повод Денот на пролетта, а воедно и на екологијата. Ќе бидат засадени 200 садници, информираат надлежните.

-ЈП ќе организира акција за садење на двеста дрвја на локацијата спомен костурница. Знаете дека поради изградба на спортските терени таму имаше сечење на дел од садниците, дел од садниците беа преместени, затоа токму ја одредивме таа локација каде што јп со своите вработени и општина Куманово, советниците и сите граѓани заинтересирани во 09 часот ќе можат да дојдат и да извршиме пошумување на двеста садници, од кои сто садници ќе бидат бел бор, 50 ќе бидат листопадни дрвја и 50 -зимзелени садници, рече Стојчевски.

Паралелно со пошумувањето кај Спомен костурница, екипите на јавното претпријатие ќе им помогнат и на сите институции кои што сакаат да го одбележат Денот на екологијата, а најчесто тоа се образовните установи да засадат дрвја и на градскиот кеј.

 

Коментари

коментар(и)