(ВИДЕО)Двочасовен протест на вработените во управата и правосудството

Синдикатот на управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска го реализираше најавениот протест со двочасовен прекин на работата во министерствата, агенциите, фондовите, управите и судовите каде имаат синдикални организации.

Од 10 до 12 часот  се протестираше и во Куманово пред Основниот суд, општината и подрачните единици на Фондот за ПИОМ и за здравствено осигурување.

Исплата на минимална плата веднаш за сите вработени и линеарно зголемување на сите останати плати во износ од 2.806 денари се барањата на вработените во администрацијата.

-Платата за месец март се исплаќа по старо, но кој ќе ја сноси одговорноста за непочитувањето на Законот за минимална плата? Дали ние вработените во управата и правосудството ќе останеме единствени во државата кои ќе примаат плата под минималната плата? , изјави Катарина Бојковска, претседател на УПОЗ на ФЗОМ Куманово

-Бараме исплата на минимална плата веднаш за сите вработени кои и во овој момент се под минималната плата и линеарно зголемување на сите остаанти плати во износ од 2.806 денари, изјави Сузана Антевска, претставник на УПОЗ на Основен суд Куманово

Ќе се протестира и утре повторно со двочасовен прекин на работата, а следните чекори Синдикатот на УПОЗ ќе ги преземе во консултација со сите вработени.

Инаку, премиерот Димитар Ковачевски останува на ставот дека по порастот на минималната треба да растат и останатите, но, како што вели, не наеднаш затоа што тоа може да предизвика инфлаторен притисок. Разговорите со синдикатите за да се изнајдат решенија продолжуваат, нагласува Ковачевски, но не е добро што прво се најавија или веќе се организираат штрајкови како форма на притисоци, за тоа што на крај решение со кое ќе бидат задоволни сите мора да се најде низ преговори.

– Сметам дека треба да се зголемуваат сите плати, меѓутоа тоа зголемување на платите треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа, што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците. Од таа причина и МТСП и вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии и министерот за образование се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството, рече премиерот во одговор на новинарско прашање, објави МИА.

Коментари

коментар(и)