138 барања за субвенционирање на трошоците за комунални услуги се поднесени до сега до општина Куманово од социјално ранливите категории на граѓани. Крајниот рок за поднесување на барањата е 28 јануари 2022 (петок) потсетуваат надлежните од Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Минатата година биле субвенционирани 366 лица, вклучувајќи ги корисниците на еднократна парична помош, информира раководителот Александар Крстевски.
Субвенционирањето на комуналните трошоци, односно за потрошена вода и изнесување на смет по семејство изнесува 1.200 денари, информираат надлежните. Ова право може да го остварат неколку категории на граѓани: самохрани родители, стечајни работници, згрижувачки семејства, лица кои до 18- годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателство, а најмногу до 26 годишна возраст, надоместок заради попреченост – лица кои живеат на територија на Општина Куманово со 26 години возраст, најдоцна до 65 години возраст, односто тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, лица корисници на право на социјална сигурност на старите лица, односно лице со навршени 65 години возраст и лица корисници на гарантирана минимална помош, исклучиво материјално и станбено необезбедени.
Барањата можат да се подигаат до 28 јануари годинава во архивата на Општина Куманово и на портирницата во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти градскиот стадион, каде што се наоѓа Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Воедно, барањата со потребната документација се доставуваат до архива на Општина Куманово, заклучно со 28 јануари (петок).