(ВИДЕО)Зголемен бројот на шумските пожари годинава

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Куманово годинава интервенирале на поголем број на пожари споредбено со лани. Според командирот Деан Илиевски, минатата година  во првите три месеци биле регистрирани 85 интервенции, а годинава пожарникарите учествувале изгаснале 95 пожари. Симптоматично е тоа што годинава зголемен е бројот на шумските пожари кои што се повообичаени за летниот период, посочуваат надлежните.

-Бројката на пожари на отворен простор приближно иста е како лани, минатата година имавме во првите три месеци 26, годинава имаме 29. Се согласувам дека пожарите на отворен простор, за шумите конкретно минатата година немавме толку, оваа година не знам од кои причини имаме зголемен број на пожари особено во липковскиот регион и околу дваесетина хектари борова шума има опожарено и изгорено во атар на село Стрезовце. Со закон забрането е палење  на било каков огин на отворен простор, меѓутоа како што гледаме сите очигледно никој не се придржува до тоа. Се надеваме дека временските услови ќе ни помогнат, инаку што е до нас, ние даваме максимум да излеземе на терен и успешно во рамките на нашите можности да ја завршиме нашата работа. Во однос на јануари, февруари, во март бележиме помал број на интервенции на оџаци, со оглед дека и временските услови беа подобри, меѓутоа зимскиот период тоа е за очекување, меѓутоа не е за очекување во зимски услови да бележиме толкав број на интервенции на отворен простор. Причините, неблагодарно е да се калкулира и шпекулира, меѓутоа од искуство кажувам дека во 90 проценти од случаите е човечки фактор и намерно палење на отворен простор, изјави Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово

Согласно важечките закони за ваквите негативни појави предвидени се големи казни, почнувајќи од 50 евра за фрлање и оставање отпад па до неколку илјади евра за предизвикување на пожар, како и покренување на постапка за сторено кривично дело.

Доколку  било кој се однесува спротивно на законите и намерно или од крајно невнимание предизвика пожар  со што ќе нанесе штета на физички или правни лица, должен е покрај глобата што ќе ја плати во прекршочната постапка, да ја надомести и предизвиканата штета.

 

Коментари

коментар(и)