ВИДЕО:„Медиумски ден“, средношколци во ТВ Плус

Ученици од средните училишта „Перо Наков“ и „Гоце Делчев“ ја посетија Телевизија Плус. Посетата е во рамки на шестиот „Медиумски ден“, којшто го организира Институтот за комуникациски студии.

Средношколците се запознаа со функционирањето на медиумот, креирањето на содржините, работата на медиумските работници. Тие зборуваа за начинот на подготовка на вестите, почитувањето на новинарските стандарди, но и соочувањето со предизвиците на терен.

Се зборуваше и за медиумската писменост, препознавањето на лажните вести, дезинформациите од социјалните мрежи и справувањето со нив.

-И на предавањата во училиштата, но и овде многу посликовито добија претстава како се подготвува вест, колку е значајна веста и што значи да се има вистинска вест, да знаеме да ја провериме и колку е значењето што може да се направи со една правилна или неправилна вест. Ние за прв пат се вклучуваме во медиумска писменост ќе продолжиме со овој проект. Многу е важно во ова време во кое што сме опкружени со многу информации, учениците да бидат медиумски писмени, тоа да го пренесат и дома, да знаеме што е лажна-вистинска вест, како да се толкува субјективноста на новинарот, како да се презентира веста и да се направи споредба, да се оцени, и донесе свој суд по однос на она што ни го кажуваат вестите-истакна Соња Тодоровска, наставничка по македонски јазик, при гимназијата „Гоце Делчев“.

Учениците истакнаа дека се среќни што можат одблизу да се запознаат со функционирање на една локална телевизија.

Имам претходно искуство, но за прв пат можам да разговарам со стручни лица. Стручно бев упатена во самиот процес на креирање на еден дневник, начинот на кој се создава дневен ред. Ова е за нас запознавање и е добро можеме да видиме дали ни е привлечна професијата, за сите што сакаат во иднина да се занимаваат со ова-истакна Ива Додевска, ученик гимназија „Гоце Делчев“ Куманово.

-Сега знам како треба да се создаде вест, имам некоја основа и да имам можност би работела како новинарка, ме интересира пишувањето-дополни Миа Димитриевиќ, ученик во гимназија „Гоце Делчев“ Куманово.

Годинашниот медиумски ден, ИКС го организира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Коментари

коментар(и)