(ВИДЕО)Објавени три огласи за мерките од Оперативниот план за вработување

Невработените лица и работодавачите од денеска можат да аплицираат на еден од трите објавени огласи од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за годинава. Станува збор за програмата „Самовработување”, „Вработување и раст на правни субјекти” и „Практикантство”,  информира раководителката на Центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска, посочувајќи дека останатите ќе се објавуваат етапно по однапред дефиниран распоред и план. Целта е создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливост на невработените лица посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.

-Ги повикувам сите заинтересирани невработени лица, како и работодавачите да дојдат да аплицираат во посебно формираниот Сектор за активни мерки во Центарот за вработување. Новина која што оваа година ја примени АВРМ е тоа што го надгради системот на е-работа, со можност за невработените лица и работодавачите да аплицираат електронски преку системот е-работа и понатаму да го следат процесот за учество во активните мерки. Што се однесува за работодавачите, лицата кои што ќе бидат овластени од страна на работодавачите треба да имаат профил на ниско ниво креиран преку услуги.гов.мк односно една точка на услуги и да достават уредно пополнето и заверено овластување за пристап до е-работа. И невработените можат да аплицираат преку е-работа. За програмата за самовработување не може да се аплицира електронски бидејќи е предвидено и пополнување на прашалник во нашиот систем на работа каде што се проценуваат претприемачките способности на лицето, рече Димитријевска.

Оперативниот план за оваа година изнесува 1,8 милијарди денари или околу 30 милиони евра. Со него ќе бидат опфатени околку 15 илјади граѓани, со посебен акцент на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени како и на корисниците на гарантираната минимална помош.

Претходните години кумановци најголем интерес покажаа за мерката „Самовработување“, посочуваат надлежните.

-Минатата година најголем интерес имаше за мерката самовработување значи како поддршка за претприемништво, доста голем интерес имаше и за мерката субвенционирање на плати, вработување и раст на правни субјекти, практиканство, обуките за ИТ вештини…, рече Димитријевска.

Во Центарот за вработување Куманово заклучно со 28 февруари годинава евидентирани се 13.753 активни баратели на работа. Лани во истиот период бројката на невработени изнесувала 16.585, соопштија надлежните.

Коментари

коментар(и)