(ВИДЕО) Петчасовна блокада поради алтернативниот пат до „Искрин мост“

Претставници на десетина кумановски села и засегнати граѓани денеска преку петчасовна блокада на регионалниот пат Куманово -Свети Николе, на излезот од Доброшане, повторно побараа од надлежните да се асфалтира алтернативниот пат до т.н. „Искрин мост“, за кој велат е небезбеден. На денешниот протест ги повторија сите досегашни барања, поставување на соодветна патна сигнализација, информативни табли, но најавија и интензивирање на блокадите.

-Треба да се асфалтира патот, доаѓаат врнежи од дожд, по тој пат никој не може да помине. Никој од надлежните не се јавува, утре пак продолжуваме со протестот. Патот да се асфалтира, да се направи тој алтернативен мост и да се стави патна сигнализација. Камионите константно поминуваат тука и камиони од каменолом, се движат пред куќа на жител на селото, по 100 камиони дневно, изјави Дејан Петровиќ , засегнат граѓанин

-Јас патувам секој ден 20 години, го чувам татко ми кој има 90 години. Овој пат цел живот беше проблематичен додека да се направи асфалтот. Некако се санираше патот, но ќе биде ист бидејќи дневно поминуваат по 50 камиони дневно. Овој направен асфалт ќе биде катастрофа за две- три години. На патот не можат да се разминат две возила, на една обична штица напишале Свети Николе,  возачите не можат да се снајдат, вчера се заглавиле во река возачи од Бугарија и Скопје, изјави Петровска Стојанка, засегнат граѓанин

-Бараме патот да се направи. Поради патот децата не одат на училиште, следат онлајн настава. Најбитно е да го направат патот и соодветно се да е означено, изјави Орце Трајковски, претставник на МЗ Кучкарево

-И ние сме дојдени да протестираме за пат. Има стари луѓе не можат да отидат на лекар, не можат луѓето на работа да одат, оние кои што доаѓаат телефонски не контактираат да им објасниме каде да се движат, изјави претставник на МЗ Скачковце

Овие жители  и претходната седмица во понеделник и петок, излегоа на протести и побараа да се направи безбеден премин, а не импровизирани мостови направени од цевки.

„Искрин мост“ беше затворен за сообраќај на 23-ти  јули годинава. Од јавното претпријатие за државни патишта појаснуваат дека рокот, од 100 дена, заради кој е затворен сообраќајот по мостот се однесува само за санација на две столбни места и ќе биде извршена во предвидениот рок. Потоа ќе биде пуштен сообраќајот по мостот и ќе продолжат другите санациони работи предвидени со проектната документација и договорот.

Надлежните потсетуваат дека сообраќајот за лесни и тешки товарни возила треба да се одвива по автопатот Миладиновци–Свети Николе, а не по алтернативниот пат, кој е наменет за движење на локалното население. Од претпријатието дополнуваат и дека тие асфалтирале и поставиле сигнализација за наизменично пропуштање на возилата, но немаат надлежност да подобруваат локални патишта.

Мирниот протест на засегнатите граѓани продолжува утре, од 09 до 14 часот на истата локација од денеска.

Коментари

коментар(и)