Генералниот штајк во основните и средните училишта организиран од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжи и денеска. Наставниците се во училиштата, учениците дома. Членовите на СОНК бараат усогласување на платите во образовниот сектор со минималната плата што беше донесена во февруари и почитување на колективните договори.
Во општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ од вкупниот број наставници, само еден наставничка која што не е член на СОНК не се приклучила на штрајкот и вчера вршела згрижувачка дејност за учениците кои што дошле на училиште. Денеска нема ученици во ООУ „Браќа Миладиновци“.
-Со покачување на минималната плата дојде до урамниловка во нашите плати, така што нашите барања се рамномерно покачување, за 18 проценти, да се случи по хоризонтала нагоре и да се средат колективните договори, со што ние би имале достоинствена плата во образованието бидејќи наставниците се луѓе со високо образование и заслужуваат достоинствена плата. Денеска нема ученици во училиштето, се надевам дека и родителите ги поддржуваат нашите барања. Очекуваме дека ќе се изнајде решение, дијалог помеѓу СОНК и ресорните министерства, а дечињата да се вратат на училиште. Штрајкот ќе трае до оној момен додека не се исполнат нашите барања, изјави д-р Милена Илиќ – Пешиќ, претседател на синдикатот во ООУ „Браќа Миладиновци“
Директорката Јасмина Спасовска целосно го поддржува наставниот кадар во барањата посочувајќи дека незадоволството на наставниците трае повеќе години од причина што, според неа, СОНК не се придржувал до законските норми. Директорката посакува успешен дијалог на СОНК со ресорните министерства.
– Мене ми е жал што дојде до оваа ситуација, но грешката е од некој претходен период, односно ја лоцирам кај СОНК. Јас 15 години не сум член на СОНК, кој имаше потпишано колективен договор. Со години наназад кулминира незадоволството на наставничкот кадар и на сите просветни работници. Сите во нашето училиште се изјаснија за целосно штрајкување, осевн една анставничка, којашто не е член на СОНК. Можеби немаше да дојде до оваа ситуација ако СОНК се придржуваше до законските норми. Ги разбирам и родителите и наставниците, целосно стојам зад наставниот кадар. Се надевам на успешен дијалог со СОНК и со владините структури, без договор не може да се дојде до решение кое ќе биде на радост на учениците, на родителите. Денеска можеби ќе дојде до дијалог , а тоа е она што носи задоволителни решенија и резултати, изјави Јасмина Спасовска, директор на ООУ„Браќа Миладиновци“
Штрајкот на дел од вработените продолжи и во осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“, но и денеска се примаа деца. Од утрово во градинката се згрижени 359 деца, информира директорката Марина Алексовска, потсетувајќи дека согласно законите и конвенциите, дејноста за згрижување и воспитување на деца не смее да се прекинува освен во вонредни состојби, како што се природни непогоди или пандемии.