(ВИДЕО) Со европски пари до атрактивна Бислимска клисура

Центарот за развој на Североисточниот плански регион во партнерство со Историскиот музеј од Општина Дупница денеска во Куманово го промовираше проектот „Светлина од минатото“ од програмата за прекугранична соработка со Р. Бугарија. Со проектот за збогатување на содржините на локалитетот Бислимска клисура предвидени се повеќе активности, а вкупната вредност на прекуграничниот проект чини околу 460.000 евра. „Една од главните активностите е реконструкција и опремување на Задружниот дом во селото Пчиња, објект од 200 м2 кој во моментов е руиниран, но треба да прерасне во туристичко-промотивен центар на Бислимската Клисура“,  информира раководителот на Центарот за развој на СИПР, Младен Протиќ.

-Имаме градежни активности, виртуелни тури, дигитализација на културно наследство, 14 активности кои се надеваме дека за две години успешно ќе ги спроведеме, изјави Младен Протиќ, раководител на Центар за развој на СИПР

„Бислимската клисура со својата автентичност во иднина може да се трансформира во сериозна регионална па дури и државна туристичка атракција“ , смета градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

-Ние во следниот период од две години како општина и како регион ќе добиеме збогатување на содржините на локалитетот Бислимска клисура, првенствено со реконструкција на Задружниот дом во село Пчиња. Согласно проектот издвоени се 131.000 евра за да од оваа локација всушност со дополнителни средства ја направиме уште поатрактивна за туристите и посетителите, изјави градоначалникот Димитриевски.

Буџетот на Центарот за развој на Североисточниот плански регион изнесува околу 260.000 евра, од кои 85% се пари од ЕУ, а со 15%  учествува Министерството за локална самоуправа . Како што рече заменик министерот Зоран Димитровски, клисурата не е позната за поголемиот дел од граѓаните на државата, но е вистински неоткриен бисер кој може да привлекува туристи од државата и соседството.

– Преку ИПА програмата морам да кажам дека многу успешно, 100 отсто од проектите од ИПА програмата со Република Бугарија се реализирани, немаме никакви политички пречки иако имаме политички проблеми во односите со Република Бугарија, меѓутоа ова е начин како во соработката со средства од Европската унија и помош преку програмата за прекугранична соработка можеме да ги зблиќуваме лушето и културите, и фактички да придонесуваме заеднички за развој на двете земји, изјави Димитровски.

Проектот е започнат во декември минатата година, а ќе се имплементира 24 месеци.

Коментари

коментар(и)