ВИДЕО: Богата културна недела во Куманово

Богата културна недела за кумановци. Центарот за култура континуирано ги реализира предвидените активности и проекти од сите дејности во националната установа „Трајко Прокопиев“. Претстави, промоција на книга, изложба во центарот за култура, но и самостојна изложба на уметникот Зоран Арсовски – Бабата во Црна Гона е она што ја одбележува оваа седмица од аспект на културниот живот во градот.

-Вечерва ќе биде изведена претставата „АРТ“, интересна комедија на младиот режисер од Куманово Владимир Николовски, на мала сцена во Центарот за култура од 20 часот. Ги поканувам сите кумановци да дојдат вечерва и да ја гледат претставата. Утре (четврток) е изложбата на Акиме Реџепи, изложба од годишната програма на Центар за култура, една интересна изложба во која авторката ќе ги претстави своите дела. Изложбата е насловена „Со уметност преку рециклирање“. Уметноста ќе биде претставена на интересен начин, така што ги поканувам сите во Куманово да дојдат во 20 часот да ја видат таа изложба во фоаје на Центарот за култура. Во петок промоција на книга „Авантурите на космонаутко“, интересна книга од Денис Јанкуловски. Човекот е медицинско здравствено лице и беше присутен за време на короната тука во Македонија и има напишано во однос на тоа интересни негови текстови, негови приказни, своевиден негов дневник, се надевам дека промоцијата ќе биде интересна, во 19.30 во фоаје на Центарот за култура. И во сабота театарска претстава во која игра Марко Трајковиќ со Нина Деан од Скопје, претставата е НЕРО,  се надевам дека ќе биде интересна за гледачите во Куманово,почнува од 20 часот на мала сцена во Центарот за култура, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“

Академскиот уметник Арсовски своите дела ќе ги претстави на меѓународниот уметнички фестивал на светлината „Палатите блестат”, кој се одржува по шести пат низ повеќе локаци во стариот дел на градот Котор.

-Станува збор за изложба на нашиот Зоран Арсовски – Бабата, вработен во Центарот за култура. Навистина сме горди со таа изложба, која ќе биде реализирана во Котор, Црна Гора оваа сабота и се надеваме дека ќе биде успешно претставен и Центарот за култура и Македонија, но и самиот автор таму, изјави Тодоровски.

Арсовски на публиката ќе се претстави со дела кои се од неговиот најнов опус и се изработени во комбинирана техника со која тој е препознатлив на пошироката јавност со оригинален свој стил за кој веќе години наназад пишува и стручната уметничка фела на историчари и критичари на уметноста, за кое сведочат бројни рецензии за творештвото на авторот. Тој е познат по бројни концептуални самостојни како и групни изложби и проекти со кои има учествувано на национално и многу повеќе на меѓународно ниво во повеќе држави низ светот. За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.

Коментари

коментар(и)