ВИДЕО: Виктор Радевски со сребрени медали на Меѓународен гастрономски фестивал во Хрватска

30-годишниот Виктор Радевски вработен во комплексот Етно село Тимчевски се врати во Куманово со два сребрени медала од 18-от по ред Меѓународен гастрономски натпревар „ Бисер мора“ кој деновиве се одржа на островот Брач во Хрватска. Наградите ги освоил во категоријата „келнер“, а на натпреварот бил дел од повеќечлената екипа на Националната асоцијација на готвачи на Македонија „ГАСТРОМАК“ предводен од претседателката Адријана Алачки, под менторство на Асан Даутовиќ кој бил и во својство на судија.

– За мене ова беше едно убаво искуство, прв натпревар и искрено не очекував иако се надевав барем на бронза, но се случи сребро во две категории, послужување на бело вино и послужување на риба, другата категорија беше послужување на црвено вино и послужување на тартар бифтек. Имаше многу силна конкуренција бидејќи настапуваа преку двеста натпреварувачи заедно со судиите. На натпреварот имаше учесници од целиот Балкан и од Италија.  За натпреварот се аплицира онлајн. Јас бев со „ГАСТРОМАК“, кои ме повикаа да бидам дел од нивната екипа, изјави Виктор Радевски, вработен во Етно село Тимчевски.

Откако завршил средно образование во „Перо Наков“, економска струка, Радевски почнал да се занимава со угостителството, но првично не планирал да остане подолго во оваа дејност. По една деценија работа како келнер, тој во моментов не размислува да ја менува професијата.

Освоените награди на Меѓународниот гастрономски натпревар се негов поттик и понатаму да се дообучува и доусовршува во областа на угостителската дејност.

-Во Етно село Тимчевски работам веќе девет, скоро десет години, може да се каже дека имаме успешна соработка со тимот на менаџерите, на кујната и со колегите.  Јас пред десет години не ни замислував дека ќе се задржам подолго време на ова работно место, но се случи така, почнавме, година по година, ден по ден, минута по минута и си останав тука. Професијата како професија е супер, треба да се сака, да се почитува, изјави Радевски.

Екипата на „ГАСТРОМАК“ со која настапи Радевски освои вкупно два златни медала, четири сребрени и еден бронзен медал.

 

Коментари

коментар(и)