(ВИДЕО) Годишен концерт на КУД „Српски вез“

Деветгодишното постоење и успешна работа, културно- уметничкото друштво „Српски вез“ изминатиов викенд го одбележа со традиционален годишен концерт во центарот за култура. Трите фолклорни групи на „Српски вез“, оркестарот, етно групата и вокалната секција, КУД „Бисер“ од Алексинац и ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија беа дел од богатата и квалитетна културно-уметничка програма организирана од „Српски вез“.

Претседателот на друштвото Далибор Китановиќ во своето обраќање истакна дека и во услови на пандемија го зачувале континуитетот на одржување на годишниот концерт и потсети дека претходните две години концертот се одржуваше на отворено кај Соколана и пред центарот за култура.

-„Српски вез“ му е потребен на градот од две причини, едната е што станавме персонификација за зачувување на националниот идентитет и богата културна традиција на Србите, а втората е дека нашата енергија,  нашето заедништво, отвореност, љубов е прифатена во Куманово и пошироко, заради што ми е особено драго, како што говорат граѓаните, рече Далибор Китановиќ, претседател на КУД „Српски вез“.

На годишниот концерт присуствуваше и директорот на Управата за соработка со дијаспората и Србите од регионот, Арно Гујон, а беше прочитано и поздравно писмо на престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ.

Гујон е француски и српски хуманист, основач и директор на француската невладина организација „Солидарност за Косово“.

-„Српски вез“ е добро познат и препознатлив во Белград и во цела Србија и Управата за соработка со дијаспората која ја водам веќе година ипол и претходните неколку години ја поддржуваше работата на здружението,  кое е место на собир на српската младина, на сите Срби кои ја негуваат својата традиција, својот идентитет, својата историја, својот јазик и тоа е важно место и ние треба да поддржуваме такви проекти и како Управа тоа го работиме, не само во Македонија, туку во целиот регион и во светот и тоа е нашата цел и надлежност, зачувување на јазикот, идентитетот и културата на српскиот народ каде и да живее, изјави Агро Гујон директор на Управа за соработка со дијаспората и Србите во регионот

Пред концертот беше потпишан Меморандум за збратимување на КУД „Српски вез“ со КУД „Опленац“ од Топола и Фолклорното друштво „Севдах“ од Врање.

Концертот е поддржан од Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот при министерството за надворешни работи на Р.Србија, министерството за култура на Македонија и од општина Куманово.

КУД „Српски вез“ е културно-уметничко друштво формирано на 25 септември 2013 година во Куманово, на иницијатива на Српската заедница во Македонија со цел да се негува и сочува културниот идентитет на Србите кои живеат во Македонија, да се зачуваат традиционалните игри и песни и пренесе српската култура на младата популација во државата и пошироко.

 

Коментари

коментар(и)