(ВИДЕО) Диаверум Куманово го одбележува Светскиот ден на бубрегот

Дијализниот центар Диаверум Куманово традиционално со низа активности го одбележа Светскиот ден на бубрегот. Од оваа здравствена установа истакнаа дека активно учествуваат во подобрувањето на квалитетот на животот на бубрежно болните пациенти, но и во подигање на свеста за откривање, превенирање на бубрежните заболувања. Диаверум низа години соработува и со средното училиште „Наце Буѓони“, медицинската струка, така што и годинава заеднички го одбележуваат Светскиот ден на бубрегот преку едукација.

-Можам со право да се пофалам дека ми е многу драго што бев и дел од еден проект кој Диаверум го спроведуваше три месеци наназад, а тоа е функционирање на бесплатни прегледи од страна на наши нефролози и интернисти каде што сите пациенти кои што имаа одредени симптоми на какви било почетни бубрежни заболувања имаа можност да добијат бесплатен нефролошки преглед со ехо дијагностика, со електрокардиографија, ехо ренографија, од страна на нефролозите. Едноставно дијагностика пред зголемување на погорните стадиуми од бубрежно заболување. Тоа ни е целта колку што може да го одложиме стартот на дијализата и да придонесеме активно во зачувување на здравјето на бубрезите, навремено превенирање на заболувањата и да ја развиеме свеста кај нашите сограѓани дека е битно навремено посетување на лекар. Нашата интернистичка амбуланта и понатаму ќе функционира сите ќе имаат можност да се обратат до центарот за дијализа и да закажат преглед-истакна Фросина Ефремовска, менаџер на Диаверум Куманово.

И медицинските лица потенцираат дека мисијата на светскиот ден на бубрегот е  за да се подигне свеста кај населението за здравјето на бубрезите и едуцирање за ризик факторите кои придонесуваат за појава на бубрежни болести. Центарот за дијализа во Куманово го посетуваат над 70 пациенти со хроничен дијализен програм.

-Сите ние вложуваме напори за да го подобриме квалитетот на животот на нашите пациенти со адекватна медицинска грижа, индивидуално следење и водење на секој пациент. Бубрезите имаат клучна улога во одржување на нашиот живот, дијализата го продолжува но значително го намалува квалитетот на животот јас како лекар апелирам да ги зачуваме нашите бубрези со редовни превентивни прегледи, живот без цигари, со доволна физичка активности и да го почнуваме денот со чаша вода-истакна Моника Јакимовска, лекар по општа медицина Центар за дијализа.

-Вистинска грижа е мотото на нашиот центар и ние како персонал се стремиме да им го пружиме тоа на пациентите. Искуството и знаењата што ги добиваме од Диаверум не прават доволно компетентни за да се грижиме во подобрување на животот кај сите пациенти. Имаме индивидуална нега и пристап кај сите и со право можам да кажаме дека добриот збор и убавиот разговор е половина здравје за нив-нагласи Драгана Митровска, медицинска сестра во Центар за дијализа.

Средношколците од медицинската струка од средното училиште „Наце Буѓони“ имаат можност да посетуваат и обука во Диаверум. Во рамки на активностите по повод Светскиот ден на бубрегот, тие денеска следеа и предавање на оваа тема.

-Секоја година имаме можност да дојдеме тука на пракса во Диаверум за дијализа. Од моето искуство можам да кажам дека навистина е важна грижата за бубрезите бидејќи без нив нема живот.  Медицинскиот персонал овде навистина со својата несебична грижа и квалитетна работа се грижи за подобар квалитет на секој живот на секој пациент. Здравјето е многу важно па упатувам порака навремено реагирајте на првите симптоми и пијте доста вода, затоа што без вода нема живот-истакна Бојана Спасовска, од средно техничко училиште „Наце Буѓони“.

-Здравје за бубрезите треба да имаат сите, и ова е мотото по кое треба да се водиме во животот-нагласи Сара Стефановска, од средно техничко училиште „Наце Буѓони“.

Центарот за дијализа Диаверум активно соработува и со матичните лекари  од Куманово.

 

Коментари

коментар(и)