(ВИДЕО) Димитриевски: Ќе се гради нов кружен тек во градот

Зошто кога бевте претседател на Советот, предлог -амандманот на ВМРО -ДПМНЕ за изградба на кружен тек на потегот булеварот „Трета МУБ“, „Октомвриска револуција“ и „Бранко Богдански -Гуцман“ беше одбиен, а сега таков проект постои и процедурата за изградба е во тек, праша координаторот на советничката група, Драган Петковски и побара логичен одговор од градоналникот Максим Димитриевски. Петковски го интересираше и кој е задолжен за замена на уништените пластични столпчиња, кога ќе бидат поставени нови и дали ќе се поставуваат на булеварот „Трета МУБ“ и уште неколку сообраќајници како што ветил градоначалникот Димитриевски. Третото советничко прашање се однесуваше на импровизираниот пазар за продажба на земјоделски производи на влезот во населбата Карпош.

-Реално во населбата Карпош е потребен пазар. Дали е во план изградба на регуларен и легален пазар во оваа населба?, праша координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ , Драган Петковски.

„Куманово ќе добие голем кружен тек. Предвиден е капитален проект согласно годишната програма во вредност од 30 милиони денари, рече Димитриевски“ , додавајќи дека тендерската постапка е завршена и во фаза се на обезбедување дозвола за градба. Димитриевски верува дека до 15 јули изведувачот ќе биде воведен во работа.

– Ме прашавте што се промени кај мене за да се смени ставот ? Не се промени ништо, ги променив луѓето кои одлучуваа за таа работа и дојдоа нови луѓе кои дадоа своите увидувања. Благодарејќи на „Куманово план“, нови креативни инженери нацртаа соодветно теххничко решение кое го решава проблемот и ќе се добие голем кружен тек, поголем од оној на влезот на градот и мал каде ќе се реши слепиот крај на „Моша Пијаде“ да има конекција со булеварот „Трета МУБ“, а да не создава дополнителен метеж на постоечкиот. Ако успееме, а верувам дека ќе успееме  да го реализираме овој проект сите ќе бидеме добри, за жал нема да успееме да ја конектираме улицата што го поврзува селото Проевце, затоа што нема техничка можност да се имплементира Митев мост, но ќе видиме како тоа ќе се изведе. Следна фаза ќе биде кај Серава изградба на нов кружен тек на локацијата „Два елена“, за да има непречен сообраќај. Што е проблемот при изработка на овие кружни текови, граѓаните прашуваат зошто не ги регулираме сите со мали кружни текови? Куманово има јавен превоз и при изработка на ваква техничка документација треба да биде осмислено да се движат непречено автобусите во една сообраќајна лента или во овој случај во две или три постоечки, тоа значи обемот на кругот доаѓа поголем за да се запази тој радиус на кружно движење, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Што се однесува до столпчињата, градоначалникот посочи дека веќе во втората фаза ќе бидат поставени метални столпчиња, уништените ќе бидат заменети со нови, а дополнително ќе бидат поставени и на булеварот „Трета МУБ“, „Октомвриска револуција“, улицата „11 Ноември“ и кракот кон болницата, но претходно треба да се добие одобрение од МВР.

Во врска со изградба на нов времен пазар во населбата Карпош, Димитриевски рече дека идејата е добра, проценката ја носи Советот , а доколку јавното претпријатие „Пазаришта“ има можност да ги прошири своите капацитети, времен пазар може да се отвори на посочената локација иако според градоначалникот, таквите пазари кои во Куманово ги има на две локации, не работат рентабилно.

Коментари

коментар(и)