ВИДЕО: Затворениот градски базен повторно работи

Затворениот градски базен повторно започна со работа, по пауза од четири месеци. Пливачите, рекреативците, пливачките клубови можат да го користат базенот секој работен ден и сабота, освен во недела бидејќи согласно законските измени недела е неработен ден.

-Во меѓувреме, екипите кои што се вработени во градскот базен извршија санација на сите потребни работи кои што беа неопходни на самиот градски базен и веќе полека ќе почнеме и да се подготвуваме за отворање и на отворениот дел од базенот и се надеваме дека согласно временските услови од месец јуни, со отпочнување на летниот период ќе го отвориме и отворениот базен. Ги информираме сите заинтересирани граѓани дека во наредниот период можат слободно да дојдат и да ги користат услугите кои што ги нуди затворениот градски базен, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Цената на билетите за користење на услугите на затворениот градски базен останува иста како и претходната година, се додека Советот не донесе поинаква одлука. Надлежните очекуваат поддршка од советниците за веќе предложената нова, зголемена цена на билетите.

-Цената во моментот за рекреативните пливачи е 100 денари за час, додека за спортските клубови е 300 денари по лента, меѓутоа ние како ЈП веќе имаме доставено предлог до Совет на општина Куманово поради цените на гасот, зголемените трошоци за одржување на градскиот базен, зголемување на платите на самите вработени согласно најновите законски измени цената за рекреативците да биде 150 денари, а дополнително да се уреди и она плаќање кое што го имаат клубовите кон ЈП, меѓутоа за тоа е потребна одлука на Совет на општина Куманово. Ние веќе доставивме иницијатива и предлог, очекуваме веќе во наредниот период да биде поддржана на Советот, најмалку што сакаме е да бидат покачени цените, меѓутоа за рентабилно работење на самиот градски базен ние како ЈП сме принудени да доставиме вакви предлог- цени до Советот на општина Куманово, рече Стојчевски.

Поради зголемените цени за електрична енергија и гас, затворениот градски базен, времено беше затворен на 18-ти јануари годинава. Менаџерскиот тим тогаш образложи дека поради енергетската криза ќе се доведе во прашање примарната дејност на претпријатието, изнесување и собирање смет доколку продолжи со работа затворениот базен.

Коментари

коментар(и)