ВИДЕО: Зголемен бројот на заразени, повторно ќе почне со работа модуларната болница

Во Куманово се зголемува бројот на новозаразени со Ковид 19. На инфективниот оддел се хоспитализирани 16 пациенти, речиси сите на кислородна поддршка. Поради новонастанатата состојба надлежните од утре ќе ја вратат во функција модуларната болница. Директорката на општата болница Захариева информира дека и покрај годишните одмори, здравствените работници се подготвени за поголем наплив на пациенти, иако четвртиот бран се очекуваше некаде во септември.

-После еден подолг период од втора година немаа право нашите да користат годишни одмори, но сега, едни се враќаат, други доаѓаат. Изминативе неколку денови правевме распоред за прераспределба на персонал од оние оддели кои не се толку оптеретени со прегледи, да ги прераспределиме да бидат во модуларната болница. Од друга страна пак гледавме да бидат тоа луѓе кои имаат искуство од претходните бранови да работат со ковид  пациенти. Се надеваме дека нема да има некој голем скок на бројката, постепен раст и да поминуваат со што поблага клиничка слика-истакна Снежана Захариева, директорка на кумановска болница.

Од кумановската болница укажуваат и дека ќе се обидат во функција да останат сите оддели, меѓу кои и оперативните зафати.

-Интенција ни е болницата да функционира не само ковид пациентите и другите имаат право на здравствена заштита, дали се работи за оперативен третман, амбулантски прегледи од страна на специјалист или хоспитализација на интерните оддели, ќе настојуваме максимално сите тие да бидат во функција. Доколку пак бројката биде многу голема тогаш секако ќе се направи некоја редукција, но да се надеваме дека до тоа нема да дојде. Максимално ќе настојуваме да пружиме здравствена заштита на сите кои доаѓаат во нашата болница-укажа Захариева.

Бројката на новозаболени во кумановскиот регион расте. Според податоците на Министерството за здравство, само вчера се евидентирани седум новозаболени, додека активни се 152.

Коментари

коментар(и)