Во изложбениот салон на Центарот за култура денеска беа доделени дипломи и благодарници на наградените ученици и нивните ментори на ликовниот конкурс „Мојот имагинарен свет“. Ликовниот конкурс за учениците од основните и средните училишта од општина Куманово беше распишан во месец април од националната установа „Трајко Прокопиев“.
-Денеска направивме изложба на која присуствуваа голем број на ученици и нивните ментори при што ги избравме најдобрите. Оваа манифестација планираме да ја аплицираме оваа година во Годишната програма од министерството за култура и од идната година да стане една традиционална манифестација каде учениците ќе се пријавуваат на овој конкурс и каде сигурен сум дека според ова што денес го видовме, овие цртежи кои што пристигнаа навистина имаме многу, многу талентирани млади во Куманово, само треба да им се даде можност за да го искажат својот талент, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“
Главната цел, како што истакна Тодоровски е да се мотивираат учениците во нивните напори за креативно ликовно изразување и валоризација во нивните креативни идеи. За таа цел Центарот за култура предвиде три награди за основните и исто толку за средните училишта како и благодарници за нивните ментори – професори по ликовно образование.
Меѓу наградените ученици е и седмоодделенката Лела Пандиловска од основното училиште „Вук Караџиќ “ со својот ментор- Марија Величковска, професорка по ликовно образование .-Голема чест ми е и задоволство што учествував на конкурсот. Цртежот на тема „Мојот имагинарен свет“ го работев со темперни бои. Сакам да и се заблагодарам на мојата менторка Марија Величковска која ме поттикна и ми овозможи да учестввам во овој конкурс и многу сум горда на постигнатиот успех. Се надевам и на понатамошни и поголеми успеси, изјави Лела Пандиловска, ученик во ООУ „Вук Караџиќ“
-Пред се, да кажам дека убаво е чувството да се учествува на ваков настан, а уште поголемо е чувството и поубаво да се освои награда. Ние на овој ликовен конкурс „Мојот имагинарен свет“ освоивме трета награда и сме пресреќни, затоа што знаете и самите дека основното училиште „Вук Караџиќ“ има малку помалку капацитет од другите училишта во градот со број на ученици, но сепак изнаоѓаме можности да земеме учество во разни манифестации како што е овој културен настан, така што јас успеав на некој начин оваа тема да ја доближам на учениците од 6 до 9 одделение, учество зедоа повеќе ученици, наградата е само една. Лела е ученичка со големи афинитети со многу голем талент и ликовни можности така што мислам дека ова ќе биде нејзин исчекор да може за понатаму да се пронајде себе си во овој ликовен креативен свет, изјави Марија Величковска, професор по ликовно образование
Првото место од основните училишта го освои Каја Камелија Колев VIII-В, ООУ „Магдалена Антова” со ментор проф. Симона Димковиќ, а второто место и припадна на Канита Алили IX-6, ООУ „Наим Фрашери” – Куманово, под менторство на проф. Неџмедин Арифи.
Прво место од средните училишта освои Исидора Божиновска III-1, СОУ „Перо Наков” – Куманово, ментор проф. Милена Арсовска,
второ место – Никола Василевски II-6, СОУ Гимназија „Гоце Делчев” – Куманово, ментор проф. Валентина Јовановска и
трето место – Ељза Лимани I-6, СОУ Гимназија „Сами Фрашери” – Куманово, ментор проф. Аљбина Авдиљи.
На конкурсот пристигнаа околу 150 цртежи од кои комисијата составена од Ликовниот сектор при НУЦК „Трајко Прокопиев” Куманово направи селекција на делата кои денеска беа изложени на изложбата како и на наградените дела.