ВИДЕО: Книжевна вечер со Мома Стефановиќ

„О жени коју волиш“,  е насловена книгата од српскиот писател, публицист и книжевник Мома Стефановиќ што ќе биде претставена пред кумановската јавност на сосема поинаков начин од вообичаените промоции в понеделник во просториите на Занаетчискиот дом во 19 часот. Стефановиќ доаѓа во Куманово на покана на Катрин Михајловиќ, член на граѓанското здружение „За наше Куманово“ која, како што вели, сосема случајно почнала да го следи на социјалната мрежа Инстаграм, откако вниманието и го привлекло еден негов пост. Кај неа во истиот момент се пројавил интерес лично да го запознае писателот кој е еден од ретките што се заинтересирал да ја открие суштината на жената во машко – женските односи.

-Ме привлече еден негов пост и осознавајќи го, запознавајќи го неговиот стил на пишување, случајно, исто така видов дека гостува во градот Ниш, каде што имам блиски роднини и другарка. И се јавив на другарка ми Лидија и и реков дека доаѓам во Ниш да присуствувам на книжевната вечер на Мома Стефановиќ. Таа вечер беше прекрасна, беше нешто невообичаено досега, се запознавме со Мома, стапивме во контакт и некако Лидија ми даде идеја да го донесам во Куманово. Се договоривме утредента да одиме на кафе на половина час, но останавме цели шест часа, беше прекрасна дружба рече Катрин Михајловиќ, ЗГ „За наше Куманово“

„Она по што мажите се подоминантни од жените е само физичката сила“, „жената не мора ништо да ја прашуваш, а се ќе ти каже, само треба да се обидеш да ја слушнеш“, „која е вредноста ако ние од себе не можеме да ги слушнеме жените“, „првата и најважна работа во машко- женските односи е страста“, се само дел од изреките на Стефановиќ впишани во делото „ О жени коју волиш“.

-Како дошол до тоа да ја напише книгата како прирачник на мажите за да полесно и приоѓаат на саканата, за остварување на еден однос од кој двајцата партнери ќе имаат бенефит ќе ни раскаже тој самиот на книжевната вечер која со него ќе биде одржана во понеделник (20 март) во Занаетчиски дом или меѓу кумановци познат како поранешно кино Напредок во 19 часот.  Влезот е слободен, поканети се мажите и жени и ви ветувам интересна вечер со неисцрпна дискусија со одговори на прашањата што ги мачат и мажите и жените. Тука ќе можете и да си ја набавите книгата „О жени коју волиш“, рече Михајловиќ.

Книжевната вечер со Мома Стефановиќ е поддржана од хуманитарната организација „Мајка“, општината и Советот на општина Куманово, Фондација за култура и спорт и здружението „За наше Куманово“.

Коментари

коментар(и)