Новиот кружен тек кој се гради на крстосницата помеѓу булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска Револуција“, во близина на Митев мост, би требало да биде завршен до почетокот на јуни, информираат од Општина Куманово. Со изградба на вакви сообраќајни решенија надлежните очекуваат да се реши сообраќајниот метеж во градот. Изградбата на вториот кружен тек во градот ќе чини 35,8 милиони денари или повеќе од 580 илјади евра. Градежните работи ги врши фирмата Жикол.
Поставена е сообраќајна сигнализација, но дел од граѓаните имаат забелешки дека осветлувањето не е доволно и сигнализацијата не е јасна. Од општината одговораат дека е отстранета подземната електрична инсталација за јавното улично осветлување, со цел успешно да се заврши проектот за изградба на кружниот тек.
-По отстранување на инсталацијата, денеска ќе биде инсталирано дополнително улично осветлување (поставување на рефлектори), кое ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот, додека трае изградбата. Во рок од два дена ќе биде поставена и потребната дополнителна сообраќајна сигнализација. Во овој момент наизменично се работи. Кога ќе се дојде до фазата асфалтирање, доколку има потреба, ќе се донесе решение за целосно затворање на сообраќајната лента, со цел завршување на изградбата-велат од општината.
Кумановци за телевизија Плус велат дека ја поздравуваат иницијативата за изградба на вакви сообраќајни решенија во градот. Оваа локација во минатото беше посочувана како една од црните точки во градот.
-Добро е мислам дека подобро ќе биде отколку што беше. Имаше сообраќајки доста тука, но се надевам дека со кружниот тек тоа ќе се реши-вели еден кумановец.
-Ќе биде подобро и за пешаци и за возачите, овде беше голема гужва-дополнува друг.
-Мислам дека е правилно решение, требаше уште порано да се направи, треба да има низ целиот град да се направат да нема толку метеж со возилата, ова за Куманово е одлично-нагласува трет.
-Задоволни сме еве и ова што се прави, а градоначалникот рече уште неколку кружни текови ќе има, но ние како луѓе не го чуваме она што е направено-вели друга жителка.
Во последната изборна програма, градоначалникот на Куманово вети изградба на кружни текови и на крстосницата помеѓу улиците „Бајрам Шабани“ , булеварот „ Трета МУБ“ и улицата „Гоце Делчев“ (локалитет Серава), меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“ ( во близина на бензинската пумпа Макпетрол), на крстосницата помеѓу „Трета МУБ“ и улицата „Тоде Мендол“ ( кај градскот пазар) и на крстосницата помеѓу „Октомврска револуција“ и улицата „Видео Смилевски Бато“ (влез во село Проевце). Лани беше изграден првиот кружен тек на влезот во градот.