(ВИДЕО) КУД „Панче Пешев“ настапи на Меѓународен фестивал во Прилеп

Културно -уметничкото друштво „Панче Пешев“ викендов учествуваше на 47 -то издание на Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржа две вечери, на камената бина во центарот на Прилеп и на Рудина кај Долнени. Околу 320 учесници од сите делови на земјава, меѓу нив и кумановското друштво „Панче Пешев“  со својата изворна група преку своите изведби и програмски точки укажуваа на негувањето и чувањето на богатиот изворен мелос во Македонија. Всушност, и целта на фестивалот е да го негува, да го зачува и да го пренесува на помладите генерации богатиот изворен фолклор. Пеце Атанасовски бил македонски играорец и инструменталист, кој се смета за најпознат македонски гајдаџија и еден од најплодните собирачи на македонски народни песни и ора.

-Продолжува традицијата, со ова гледаме дека не може да не спречи ништо, ние како љубители и луѓе кои го негуваме, го презентираме, го изучуваме и го пренесуваме културното богатство на нашата држава. Ова е наш прв настап во текот на оваа година и сметам дека нашето културно -уметничко друштво, изворната пеачка група и оркестарот од изворни народни инструменти успешно настапи и ги презентираше пред се, кумановската песна, кумановското оро каде што учествуваа на овој фестивал околу 19 точки. Во недела се одржуваше на Рудина, а ние настапивме на сцената во центарот на Прилеп, изјави Мирослав Крстевски, претседател на КУД „Панче Пешев“.

Фестивалот ќе ги награди најдобрите изведувачи, а најголеми награди се „Гран при“ за најдобри изведувачи во целина и за најдобриот гајдаџија „Гајдата на Пеце“, што ја доделува Општина Долнени. КУД „Панче Пешев“ веќе е добитник на спомнатите награди на претходните фестивали.

-Ние во 2019-а та година настапивме, исто така со одредени точки од изворен фолклор и освоивме Гран при на овој фестивал, 2020-та година тоа беше единствен наш настап во Прилеп, исто во центарот на Прилеп, освоивме статуетка на Пеце Атанасовски, оваа година ќе видиме, изјави Крстевски.

По успешниот настап на фестивалот во Прилеп, КУД „Панче Пешев“ веќе го подготвува и Вториот меѓународен фолклорен фестивал Куманово, кој ќе се одржи од 20-ти до 22-ри август во центарот за култура.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)