ВИДЕО: Министерот Спасовски ја промовираше кампањата „ МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“

„МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, е кампања на Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат која почнува денеска од Куманово. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во присуство на дел од раководството на МВР, претставници на Македонскиот полициски синдикат, Локалниот совет за превенција и пратеници, промовирајќи ја заедничката кампања истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализирале последниве неколку години во МВР се со цел градење на полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните“.

-Факт е дека граѓаните најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат во заедницата во која живеат, а полицијата е секогаш првиот пријател во неволја. Оттука, заедничкото работење меѓу полицијата и локалното население е круцијално за идентификување на проблемите, поставување на приоритети и решавање на современите предизвици на локалната заедница поврзани со криминал, социјални и физички нарушувања. Притоа, активно соработуваме со единиците за локална самоуправа, посебно Локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани, што ќе овозможи заедничка одговорност при решавање на проблемите“, рече Спасовски, додавајќи дека ќе се продолжи со преземање мерки за континуирано етаблирање на видлива и приемчива полиција, која ќе има слух за грижите на граѓаните и ќе одговори на потребите на заедницата, ќе биде отчетна и транспарентна во своите активности, изјави Спасовски.

„Досегашните напори беа наградени со висока доверба од страна на граѓаните, драстично зголемена од порано, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата“, посочи министерот Спасовски.

-Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 достигна високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност. Затоа и решивме да ја спроведеме оваа кампања по сите сектори за внатрешни работи во државата, и на овој начин уште повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, преку концептот ‘Полицијата и граѓаните’, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме“, порача министерот Спасовски.

„Да се водиме од светските практики каде граѓаните имаат беспрекорна комуникација со полицијата и ги информираат за секое негативно поведение кое ќе го забележат во околината, рече Марјан Кицев, претседател на Македонскиот полициски синдикат

-Полицајците се нашите херои кои секојдневно покажувате на дело како се сака државата и како се извршува службата што им е доверена. Исправени гордо на браникот на нашата држава ја манифестираат нивната човечност и саможртва, оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочуваат како во минатото така и денес“, рече Кицев.

Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ почнува денеска во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните четири викенди низ поголем дел од градовите во државата, при што полицијата преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните од страна на полициски службеници ќе биде одблиску презентирана улогата на полицијата во заедницата.

Коментари

коментар(и)