(ВИДЕО) Паркови и зеленило во Куманово, најавува општината

Со целосна реконструкција на градскиот парк Куманово ќе добие нов простор за спорт и рекреација, со нови пешачки патеки, нови смарт клупи, соларни канделабри, ново детско катче. Предвидени се и нов спортски терен, нова фонтана, паркинг простор и платформа за одржување настани на отворено и простор за домашни миленици.

Граѓаните се задоволни што наскоро ќе можат слободното време да го поминуваат во современ парк, но сметаат дека треба да се креираат еко-кампањи за подигање на јавната свест кај населението за заштита на животната средина и зеленирте површини во градот.

Согласно потпишаниот договор во вредност од 11 милиони и 200 илјади денари предвидено е реконструкцијата да заврши во рок од 7 месеци, односно до 30 септември, годинава. Градежните работи ги извршува фирмата КООП Инженеринг избрана на тендерска постапка, информира Владимир Павловски од Центарот за развој на Североисточниот регион.

Освен реконструкција на постоечкиот градски парк, општина Куманово планира да изгради и неколку нови градски паркови, на влезот во селото Проевце, нов парк на улицата „Карадачки одреди“ во населбата Тоде Мендол, изградба на урбан сквер со парк, фонтана и урбана опрема на влезот во населба Гоце Делчев и урбани скверови на локацијата  „Ловец“ и поранешен хотел „Кристал“ и долж улицата „Гоце Делчев“.

 

Коментари

коментар(и)