(ВИДЕО) Повторно густ чад над депонијата Краста

Утрово повторно густ чад над депонијата Краста кај селото Пчиња. Како што тврдат жителите на селото Пчиња сметот што се депонира на Краста, горел уште синоќа, во вечерните часови, а случаен минувач пожарот го евидентирал со мобилен телефон, по што снимките беа доставени до редакцијата на Телевизија Плус. В.д директорката на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Цветанка Ивановска во краток телефонски разговор изјави дека станува збор за мало запалување на сметот проследено со слаб чад, се работи на решавање на проблемот и нема да се дозволи депонијата да се разгорува. На Краста добивме и дополнителна информација дека багерот што го користат за гаснење на потпален смет се сервисира, па интервенираат со цистерни со вода.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Деан Илиевски вели дека пожарните возила се на располагање на „Чистота и зеленило“, доколу тоа го побараат надлежните од комуналното претпријатие, но објаснува дека ваков вид опожарување се решава со нанесување земја и со тешка механизација, за да се задуши разгорениот смет. Доколку се гаси со вода, сметот површински ќе се изгасне, но внатре под земја ќе тлее подолг временски период, додава Илиевски.

Инаку, повторното разгорување на депонијата Краста, не е пријавено во полицијата, информираат од СВР Куманово.

Дел од отпадот на Краста гореше пред само три недели, кога беа ставени во функција сиот потенцијал на механизација и човечки ресурси од јавното претпријатие. Изминативе неколку години немаше поголеми пожари на локацијата, бидејќи се нанесуваше земја на платформата.

долгогодишниот проблем со депонијата Краста во Пчиња, надлежните ќе го решаваат со изградба на меѓурегионална депонија за североисточниот и источниот регион, а Краста ќе биде современа претоварна станица, во која ќе може и да се рециклира.

Коментари

коментар(и)