ВИДЕО: Поднесено барање за отпис на долгот на ЈП „Водовод“

Претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска поднесе барање до Владата за отпис на долг на ЈП „Водовод“. Ѓорѓиевска бара Владата да донесе Одлука за обезбедување на финансиски средства на АД Водостопанство на Македонија во државна сопственост за отпишување на долгот во износ од 151 милион денари на ЈП „Водовод“ по примерот на донесената одлука на Владата за отпис на долг на „Комуналец“ од Струмица во износ од 84 милиони денари и беровското претпријатие „Услуга“ во износ од шест милиони денари.

„На тој начин би се помогнало да се надмине тешката финансиска сосотјба во која се најде водовод последните месеци поради енормното зголемување на цената за потрошена електрична енергија“, смета претседателката на Советот.

Барањето за отпис на стариот долг на Водовод е поднесено на втори септември, веднаш по седницата на која мнозинството советници изгласаа заклучок со кој ја задолжија Ѓорѓиевска да побара помош од Владата.

И директорот на „Водовод“ Оливер Стојмановски посочува дека претпријатието тешко се справува со економската и енергетска криза.

„Ако за август месец очекуваме сметка од околу 12 милиони денари, за септември таа би изнесувала 15 милиони денари“, потенцираат надлежните.

-Ако земеме во предвид дека за истиот период лани сметката изнесуваше околу 1.200.000 до 1.400.000 денари можете да замислите колкаво е зголемувањето. Инаку, ЈП „Водовод“ Куманово во рамките на своите можности плаќа одредена сума на електрична енергија, ако сме плаќале по еден милион и двеста сега плаќаме по два ипол – три милиони што е големо зголемување затоа што работиме под блокада со години. Водоснабдувањето во градот и пречистителната станица моментално работат редовно, без никакви застои или проблеми. Овој проблем, сега бев на состанок на АДКОМ е воопшто во целата држава, сите претпријатија се соочуваат со криза, некои претпреријатија веќе доаѓаат во проблем со исплата на плати, а прва мерка што се најавува е исклучување на пречистителните станици што ќе доведе до еколошка катастрофа. Бараме помош од Владата, она што го предложивме ние е да бидеме третирани како домаќинста од втора категорија  со цена некаде околу 5.2  или 5.3 денари по киловат час, тоа е она што можеме да го поднесеме и е поголема цената на киловат час од пред кризата. Има иницијатива за зголемување на цената на водата, но тоа не зависи од нас, туку од регулаторот бидејќи тој ја уредува цената, ја донесува. Значи на наше доставено барање, регулаторот ќе треба да ја дефинира цената, изјави Стојмановски.

Стојмановски посочува дека не само „Водовод“, туку сите претпријатија во државата се соочуваат со криза, а прва мерка која се најавува за справување со кризата е исклучување на пречистителните станици, што според директорот би довело до еколошка катастрофа.

 

Коментари

коментар(и)