ВИДЕО: Поскапе такси превозот во Куманово, иако одлуката се уште не помина на Советот

Кумановци од минатата среда плаќаат поскап такси превоз. Поради рекорно високите цени на бензините, таксистите на своја иницијатива одлучија за 20 денари да ја поскапат услугата. Досега беше по 60 денари за возење до 2 километри, а сега ќе чини 80 денари, и за секој нареден километар по 40 денари. Согласно Законот, за корекција на цената на такси услугите на општинско ниво неопходна е согласност од Советот на општината. Меѓутоа ова тело досега не дебатираше по ова прашање.

Таксисите одбија да зборуваат пред камерата за новото покачување на цените на превозот, меѓутоа нагласија дека биле принудени на ваков чекор, бидејќи досега неколкупати реагирале до Секторот за комунални работи, сообраќај и инфраструктура при Општина Куманово, како и Советот, кои велат досега не одговориле на нивото барање за покачување на цените.

Телевизија Плус се обиде да контактира со Здружението на такси превозници во Куманово, меѓутоа дел од таксистите не информираа дека здружението не функционира одреден период.

Кумановци кои што ги прашавме посочија дека се запознаени со новата цена. Тие не гледаат вина кај превозниците, нагласувајќи дека цените на сите производи и бензините постојано растат.

-Оние што имаат за нив не е никаков проблем, меѓутоа за ниската класа, невработени, социјалните за нив е многу тешко. Оправдано е за такстите да качат цена, тие не се виновни, таква е состојбата, поскапе и плинот и бензинот. Домашните артикли поскапуваат и таксистите имаат право да ги покачат-вели еден граѓанин.

-Запознаени сме цените се страшни, горивото се качи, како можат таксистите да возат доколку немаат корист од тоа. Нема ниту да се возиме со такси повеќе. Страшно е со мојата пензија која нема 12.000 денари, можам ли да се возам, на се е покачена цената, зејтин, брашно, шеќер. Како ќе издржиме да платиме сметки, повеќе од половина пензија ми оди само за давачките, тоа е нека мислат оние во фотелјите за народот што едвај излегува на крај. Јас со една пензија сама и ќе издржам но четиричлено семејство како-вели повозрасна кумановка.

Од општина Куманово потврдија дека во Советот на Општина Куманово не е изгласана корекција на цените на такси услуги во Куманово. Нагласија дека во моментов 14 фирми имаат важечки лиценци за такси превоз
на патници на територијата на Општина Куманово.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска информираше дека се запознаени со барањето на такси превозниците и веќе на наредната седница која е закажана за 11-ти месецов ќе се дискутира на оваа тема.

Коментари

коментар(и)