(ВИДЕО) Првачињата со попреченост можат да добијат стипендија

Трошоците  за живот во семејство со лице со попреченост се двојно поголеми. За таа цел,  Здружението Инклузива од Куманово, заедно со фондацијата Чекор по чекор и Хендимак од Тетово, во рамки на проектот „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран“, обезбедија стипендии за првачињата со попреченост. Можност да добијат средства во овој повик имаат 150 дечиња, кои во септември ќе се запишат во прво одделение. Дечињата, односно нивните родители ќе добиваат средства во висина од 50 евра месечно. Од здружението Инклузива од Куманово, информираат дека вакви стипендии веќе користат 322 дечиња.

-Се знае дека едно семејство кое има член со попреченост има потреба од лекови, рехабилитација, различни логопедски дефектолошки третмани, што ги плаќаат самостојно. Дел од тие средства ќе им послужат економски да зајакнат и да дадат поголема поддршка на своето дете, да се вклучи во образовниот процес-истакна Благица Димитровска, претседател Здружение „Инклузива“ Куманово.

Во рамки на овој проект било утврдено и дека личната асистенција е неопходна и за децата со телесна попреченост и оштетен вид. Согласно законот за социјална заштитата, корисници на оваа услуга се лица на возраст од 18 до 65 години.

-Во ноември поднесовме иницијатива до Министерството за труд и социјална политика, кое веднаш беше усвоено, за да ги следува децата штом ќе тргнат на училиште, односно од 6 годишна возраст. Помина јавната расправа во Собранието, се надеваме дека пратениците ќе го усвојат предлогот и од септември овие дечиња ќе можат да имаат лични асистенти-дополни Димитровска.

Проектот „Биди Ин, биди Инклузивен, биди Инклудиран“го финансира Европската унија. Повеќе информации за конкурсот родителите можат да добијат кај здруженијата.

Коментари

коментар(и)