(ВИДЕО) Предности и недостатоци на селото Пчиња

Дали е подобро да се живее во градска средина или на село, кои се предностите и недостатоците на таквиот начин на живот?, прашање кое што честопати го поставуваат голем број граѓани. Телевизија Плус деновиве го посети селото Пчиња кое што се наоѓа на осум километри од центарот на Куманово. На прв поглед, селото е толку близу до градот, но доколку прошетате низ Пчиња прво ги забележувате недостатоците, а дури потоа убавините на селото. Ова го потврдуваат и дел од жителите на Пчиња. И не само Пчиња, истото се однесува и на останатите рурални средини во кумановско. Најголемиот дел од овие подрачја се оптоварени со проблеми врзани со патна инфраструктура, недостиг на вода, на здравствени и образовни институции па сè до пристап до интернет. За среќа, во Пчиња училиште има, но секоја година се помал број на ученици заради, како што велат жителите, иселувањето на младите од егзистенцијални причини, бидејќи во ова село жителите претежно се занимаваат со земјоделство и сточарство.

„Во Пчиња веќе неколку години нема лекар, па жителите дури и за најмала здравстевна услуга мора да патуваат до градот, што дополнително им создава финансиски трошоци“, вели Драган Краљевски по струка геолошки техничар, но невработен.

-Има само пошта, две продавници, порано имаше повеќе, но сега само две останаа да работат. Амбуланта нема одамна, односно зграда, објект има , но нема лекар во селото. За се што треба одиме во Куманово. Има редовна линија за превоз, проблеми има само во зимскиот период, а имаше и за време на корона кризата, укинати беа неколку линии. Што се однесува до депонијата Краста, миризбата секогаш се чувствува кога ќе дувне ветер, но откако ја оградија, малку е подобро бидејќи има ред и не може секој да влегува и да се пали ѓубрето, изјави Драган Краљевски, с.Пчиња

И соседот Добре Велковски се согласува дека недостигот на вода и здравствените услуги се едни од најгорливите проблеми со кои се соочуваат жителите на Пчиња.

-Имавме канал, но браната откако ја турнаа, од тогаш нема вода и секој ден е се полошо, без вода. Имаше се, сега нема ништо. Има амбуланта, но нема лекар. Неколку години нема лекар, претходно имавме лекар, тука се вакциниравме, а сега за секоја инјекција секој ден плаќаме билет за комбе 100 денари или пак за вакцина. Ова е катастрофа. На селото се му фали, но нема на кого да се пожалиш, сите ветуваат пред избори, а после ништо не остваруваат. Порано имаше  околу 250 куќи, сега заради работа се иселени во Хрватска, Словенија, изјави  Добре Велковски, с.Пчиња

Но, освен недостатоци, селото изобилува со природни и културни. На 1,6 км северно од селото Пчиња се наоѓа подобро сочувано наоѓалиште, а тоа е наоѓалиштето Градиште. Ова место датира од 14 век и се врзува за познатата воено-градителска дејност од времето на Јустинијан 1.

Црквата „Света Богородица“ во селото е изградена 1869 година ,а на 9-ти  јуни 2016-та година била осветена црквата посветена на Вознесението Христово. Селска слава на селото Пчиња е Спасовден.

Ова село најмногу се изградило во 20 век. Во 1895-та година е изградена првата училница за воспитување на деца, во која учеле помалку од 20 ученици.

Во учебната 1927/28 е изградена училишна зграда во која се учело, а истата зграда во 1955/56 е назначена за осумгодишно училиште во селото, а е подрачно училиште на ООУ „Браќа Миладиновци“.

Името го добило по реката Пчиња која тече низ селото.

Коментари

коментар(и)