ВИДЕО: „Приватни животи“ го отвори 25-то издание на „Денови на комедија“

Со претставата „Приватни животи“ на Градски театар од Винковци вчеравечер во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ започна јубилејното, 25-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“. Публиката годинава ќе има можност да проследи вкупно 12 претстави од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија.  Центарот за култура синоќа беше преполн, а веќе се распродадени и најголем дел од билетите за останатите 11 вечери.

-Навистина сме горди што овој фестивал го дочека овој јубилеј, тоа го покажува и вечершнава публика. Публиката може да очекува секако, добри претстави, 12 квалитетни претстави и сигурни сме дека кумановци ќе уживаат овие 14 дена. Сигурни сме дека ќе имаме успешен фестивал , изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Претставата „Приватни животи“ е во режија на Хрвоје Корбар.

-Јас би се заблагодарил на директорот Сашо Тодоровски со оглед на тоа што ја имаме честа да го отвориме фестивалот и се надевам дека публиката ќе биде задоволна. Од досегашното искуство можам да кажам дека, бидејќи и порано сме биле, кумановската публика знае што е претстава, знае што е добра комедија и можам да ви кажам дека имаме малку трема, дали ние ќе бидеме достојни и квалитетни да ги задоволите високите критериуми кои оваа публика ги заслужува, изјави Зденко Речиќ, директор на Градски театар „Јоза Ивакиќ” од Винковци, Р.Хрватска

Наградата „Васил Иљоски“ годинава е доделена на актерот Благоја Чоревски. Низа пофални зборови за лауреатот на „Денови на комедија“ од колешката Стојна Костовска.

-Чоревски има одиграно безброј ТВ серии, има играно на филм, како што се „Викенд на мртовци“, „Врба“, има добиено многу награди, меѓу кои наградата „Петре Прличков“, „Јоаким Осоговски“ и многу други награди.  Меѓутоа оваа последнава награда мислам дека многу му значи, изјави Стојна Костовка, актер

– Во 1971 година дојдов во Драмски театар и режисерот Димитрие Рули Османли ми вели ќе ја правиме „Свадба“ од Васил Иљоски. Јас не го знаев текстот, реков добро, да прочитам. Мојот покоен кум Џамбазов ја правеше музиката, а јас бев главна улога. Две претстави ми останаа од Васил Иљоски. Јас сум воодушевен. Благодарност до фестивалот, до стручната комисија која што ми го врачува ова признание кое што е едно од најголемите без разлика на сите мои други награди затоа што ова е една сатисфакција дека навистина јас нешто сум правел во животот и во мојата професија, но секако , најзаслужна за се е публиката, рече Благоја Чоревски, лауреат на фестивалот „Денови на комедија“

Фестивалот традиционално е поддржан од министерството за култура и општина Куманово. На отворањето пред публиката се обрати и министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска.

– Со овој фестивал кој сериозно расте веќе 25 години илјадна публика се весели и се разонодува, но и се замислува зашто комедиите не се само забава, тие често и опоменуваат и ни даваат друг поглед на стварноста. Сите знеме дека е тешко да насмееш човек, тешко е да предизвикаш смеа особено во ова време кога ретко кој се смее. Но комедиите се пишувале и во најстрашните времиња за човештвото зашто смеата е таа која го одржува  здравиот дух, изјави Бисера Костадиновска – Стојчевска, министер за култура

Јубилејното издание на „Денови на комедија“ ќе заврши на 14 октомври годинава, со премиера на Театар Куманово, претставата „Секс и лаги“.

Коментари

коментар(и)