(ВИДЕО) Продолжуваат одличните резултати на тенисерите од ТК „Тумба“

Продолжуваат одличните резултати на тенисерите од тенискиот клуб „Тумба“. Иако не тренираат во зимскиот период поради немање услови, тие учествуваат на низа активности, меѓу кои подготвителни кампови, но и натпреварувања. Двајца членови на клубот, Алексеј Стојановски и Анастасија Арсовска, како дел од тениската репрезентација до 12 години учествуваа на тренинг камп во Турција. По враќањето настапија на домашното првенство, каде учествуваа Анастасија Арсовска и Ива Стефановска. Арсовска го освои второто место, додека одличен резултати и прво место на турнирот во Белград освои 10-годишниот Алексеј Стојановски.

-Играа во полуфинале Анастасија помина и играше во финале, но немаше среќа да го освои во добар меч, малку фалеше да го освои натпреварот. Заврши со второ место на отворено првенство до 12 години, додека Алексеј Стојановски имаше најголем успех досега на турнир во Белград, исто тоа беше отворено првенство за момчиња до 12 години, каде што и го освои турнирот. Мислам дека тоа е еден од најголемите успеси досега на нашите тенисери и се надевам дека ќе продолжиме со вакви резултати-нагласи Далибор Димковски, тренер во тениски клуб „Тумба“.

Членовите на тенискиот клуб „Тумба“ во зимскиот период се принудени да патуваат во Скопје, бидејќи Куманово нема затворен терен за тенис.

-Кога се зимските услови прекинуваме со работа овде немаме услови за зимско работење, бараме алтернатива, одиме во Скопје тренираме на терени кои се затворени со балони, така што е финансиски потешко, организирање на патување за изнајмување терени, за тие активности и затоа малку деца можеме да организираме да заминат. Другите деца се пасивни преку зимскиот период-дополни Димковски.

Младите тенисери укажуваат дека се задоволни од постигнатите резултати. Тие се надеваат дека наскоро ќе се отворат тениските терени и дека ќе можат да продолжат со тренинзите но и натпреварите.

-Многу беше тешко, силна конкуренција до 12 години, тешко беше но успеав и сум среќен. Тренирам четири години, сега имам 10. Многу сум задоволен како играв на сите турнири, но најмногу сега на овој во Белград. Во Турција беше одлично, имаше дружба, многу трениравме имаше и таму турнир-истакна Алексеј Стојановски.

-Последниот турнир овде во Скопје во академија Аеродром освоив трето место. Во полуфиналето играв со мојата другарка Анастасија Арсовска. Беше супер, игравме одлично, и така. Сега мислам дека ќе биде шеста година од 2016. Многу е супер, играм, тренирам и едвај чекам да се отворат терените-посочи Ива Стефановска.

-Веќе неколку години тренирам во Куманово ТК „Тумба“ и сум задоволна напредуваме, се дружиме и се надевам дека и понатаму ќе биде така. Поради временските услови оваа година не учествував на разни натпревари но се надевам дека понатаму ако имаме можност ќе учествуваме на различни натпревари-додаде Елена Божиновска.

-Имам 12 години и тренирам 8 години тенис, го сакам како спорт омилен ми е тренирам во ТК Тумба и одам на турнири низ Македонија-дополни Леона Стојковска.

-Тренирам 5 години, учам во ОУ Крсте Мисирков и одиме на турнири низ цела Македонија. Еден апел ако може да ни ги пуштат терените да тренираме да продолжиме. Сега патувавме во Скопје и таму трениравме-нагласи Јован Додевски.

Најмладиот член на ТК Тумба има само четири години. Од клубот апелираат надлежните што поскоро да ги отворат терените, за да не патуваат веќе во Скопје, но и за да можат да се подготват за планираните турнири. Веќе на 2-ри април треба да се одржи турнирот за ветерани +30 години и +50, а потоа и детскиот турнир до 10 години, за црвен и портокалов тенис.

 

Коментари

коментар(и)