„Мајка од магла“ и „Умрев за да оживеам“ се двата романа од писателката Габриела Давидовска -Баниќ кои што беа промовирани вчеравечер во Занаетчискиот дом. Авторката која е по потекло од Куманово, а живее и твори во хрватскиот град Ровињ за првиот роман напишан на македонски јазик „Мајка од магла“ вели дека е книга што ќе ве поттикне да размислувате за вредностите во животот, за приоритетите, за родителството, за односите со блиските. Книга што мислите дека можете да предвидите како ќе заврши, ама на крај ќе ве остави во шок.
Модератор на настанот беше директорката на библиотеката „Тане Георгиевски“, Христина Алексовска, а промотори на романите беа Весна Алексова, наставничка по македонски јазик и Десанка Николова, писател.
Романот „Умрев за да оживеам“ промоторите топло го препорачаа на сите читатели кои што сакаат да дознаат за храброста на една повредена жена на која и е згазена гордоста, но сепак животот го продолжува храбро.
„Никогаш не дозволувајте болката и неправдата што ви е нанесена да управува со вашиот живот. Чекорете храбро без разлика на сите препреки и секогаш кренете ја главата горе, порачува авторката Давидовска- Баниќ.
И двете книги се достапни на сите продажни места на изданијата на издавачката куќа„Збор“, како и во библиотеката „Тане Георгиевски“, каде што читателите имаат можност да го најдат и првиот роман на авторката напишан на хрватски јазик „Храбра кукавица“.
Давидовска-Баниќ е автор и на романот „У свему најбоља животиња“ .