ВИДЕО: Релативно стабилна состојбата во болница, благо намалување на прегледи и хоспитализации

Релативно стабилна е состојбата во кумановската болница. Во модуларната болница и инфективниот оддел се хоспитализирани 62 лица, од кои дури 52 се на кислородна поддршка. Забележано е благо намалување на бројот на прегледи но и нови хоспитализации. Но, само 15 проценти од хоспитализираните се вакцинирани. Директорката на кумановската болница, Захариева информира дека  деновиве има наплив на пациенти од Кратово и Крива Паланка. Дневната болница ја посетуваат околу 50 граѓани, кои примаат терапија два пати во денот.

Некои се без коморбидитети, но има и такви со прекумерна телесна тежина, дијабет и други заболувања кои малку потешко се справуваат со болеста, но оние што се кај нас се во стабилна состојба-вели директорката на Општа болница Куманово, Снежана Захариева.

Од општата болница нагласуваат дека од хоспитализираните се уште е доминантна возрасната група од 50 до 70 години. Но велат се повеќе има и млади пациенти.  Од оваа здравствена установа дополнуваат дека се подготвени со капацитети но и кадар, да помогнат на сите ковид позитивни пациенти. Куманово е меѓу градовите со најголем број заболени. Во моментов активни се 914 лица. По компликации од вирусот, минатата седмица починале дури 14 лица, а од почетокот на епидемијата во Куманово се регистирани 414 починати, со што градот е на четвртото место, веднаш зад Скопје, Прилеп и Тетово.

 

Коментари

коментар(и)